Општината Аеродром даночните пријави ги очекува до крајот на месецов
Општината Аеродром ги потсетува даночните обврзници дека се должни најдоцна до 31 јануари 2020 година да поднесат даночна пријава за недвижниот имот што го поседуваат, а не е пријавен за оданочување. Оттаму и апелира до граѓаните навреме да ја завршат оваа обврска.
– За да се олесни постапката, граѓаните може да го пријават данокот на имот во просториите на општината Аеродром, односно на шалтер број шест, а за подетални информации да се јават на телефонскиот број 2401-553 – посочуваат надлежните од општината Аеродром.
Оттаму истовремено информираат дека работното време на општината е секој ден од 8.30 до 15.30 часот, освен сабота и недела, а прием на странки за данок на имот се врши секој работен ден од 8.30 до 15.30 часот.
Одбележани 77 години од смртта на херојот Мирче Ацев
Во основното училиште чие име го носи беа одбележани 77 години од смртта на народниот херој Мирче Ацев. На бистата на херојот во ова училиште свежо цвеќе вчера положи градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Наумовски.
„Да не се заборават револуционерите и хероите на оваа земја. Слава им“, стои испишано под фотографиите од настанот поставени на општинската веб-страница.
Во општината Центар ќе се постават 27 повратни вендинг-машини
ЈП „Паркинзи на општината Центар“ и општината Центар годинава ќе го воведат светскиот тренд во рециклирањето и до крајов на 2020 година ќе постават 27 повратни вендинг-машини, распределени низ целата општинска територија. Целта е да ги мотивираат жителите да се вклучат во овој процес.
– Веќе се набавени девет машини од планираните 27 и ќе започнеме со нивно поставување на почетокот на март. На овој проект работиме повеќе од една година и сметам дека ќе има големо влијание не само на развојот на нашето претпријатие туку и за подигање на свеста кај граѓаните од потребата за рециклирање – истакна Васко Кичевски, директорот на ЈП „Паркинзи на општината Центар“.
За овој проект општината Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година и за секое рециклирано шише се обезбедени 1,5 денар, а наедно се обезбедени и средства за преостанатите 18 повратни вендинг-машини.