Целиот проблем започнува уште со набавката на дрвата. Камионот ги истовара пред куќите и дворовите, независно дали набавувачите имаат сопствен двор за да ги стават дрвата во своето дворно место. Во многу населби сѐ уште има голем број домаќинства што користат дрва за затоплување на домовите, па ова е проблем речиси во секоја општина и населба, иако некаде е поизразен, а некаде не
Со набавката на дрвата за огрев, граѓаните блокираат мноштво улици
Подготовката за долгите и студени зимски денови е во полн ек. Граѓаните односно оние што своите домови ги затоплуваат со помош на дрва веќе ја почнаа набавката на дрвата. Присуството на камионите доставувачи на дрва може да се забележи најмногу во оние населени места каде што има повеќе куќи, бидејќи куќите се најтешки за затоплување во зимските денови. Сепак, некои од граѓаните со набавката на дрвата се однесуваат крајно неодговорно, оставајќи го ѓубрето на маалските улици. За жал, тоа не е единствениот проблем. Дрвата најчесто се цепат во времето предвидено за одмор, а често се активираат и моторни пили за побрзо сечење на дрвата.
НАБАВКАТА НА ДРВА ГЛАВОБОЛКА ЗА СОСЕДИТЕ
Драстичниот пад на температурите, иако сѐ уште е лето, добро им дојде на граѓаните што за затоплување на своите домови користат печки на дрва, бидејќи временските услови се идеални за набавка и цепење на овој енергент за греење. Па, така, изминатиов период е идеален за оваа неминовна обврска, која граѓаните се обидуваат да ја завршат што е можно побрзо, додека сѐ уште не дошло студеното и врнежливо време.
Токму оттука и почнуваат проблемите. Со набавката на дрвата се блокираат цели улици, а по складирањето на дрвата, ѓубрето им се остава на комуналните служби наместо секој да си го собере сопственото ѓубре.
Целиот проблем започнува уште со набавката на дрвата. Камионот ги истовара пред куќите и дворовите, независно дали набавувачите имаат сопствен двор за да ги стават дрвата во своето дворно место. Во многу населби сѐ уште има голем број домаќинства што користат дрва за затоплување на домовите, па ова е проблем речиси во секоја општина и населба, иако некаде е поизразен, а некаде не.
Граѓаните или барем оние посовесните велат дека немаат проблем со набавката на нивните соседи, но имаат проблем со неодговорноста што со години се провлекува и опстојува.
– Имале или немале двор, сеедно е. Не им е грижа, дрвата ги оставаат надвор, на маалската уличка, па ние што живееме околу нив немаме ниту каде да паркираме, ниту каде да поминеме. Пред нашите куќи има ширинка што ја користиме како паркинг-простор, меѓутоа со ваквото однесување на соседите не можеме ниту да се паркираме ниту, пак, да поминеме. Иако нашите соседи имаат голем двор, не сакаат да го уништуваат, бидејќи им е уреден со цветни и дрвни насади, па полесно им е да ни ги упропастуваат нашата улица и зеленило – вели Марија Илиевска, жителка на Чаир.
Скопјани што се соочуваат со овој проблем велат дека освен набавката, сериозно и алармантно е оставањето на остатоците од дрвата, кои, како по навика, завршуваат во атмосферската канализација, а дискутабилно е и времето во кое се сечат и цепат дрвата.
– Редовно, секоја година е истата песна. Смачено ни е веќе постојано да се справуваме со неодговорното однесување на неколкутемина соседи. Го оставаат ѓубрето на улицата, а тука ни играат децата. Или сами го чистиме или ако не сме во можност, утредента комуналните служби го прават тоа. Најлош случај е кога ќе заврне дожд, па токму тие остатоци заминуваат во атмосферската канализација, која најчесто и ја затнуваат, па мораме да се јавуваме во водоводното претпријатие да ни ја одзатне за да не ни се направи базен на улицата – вели Илиевска.
Според неа, огромен проблем е времето на цепење на дрвата, кое најчесто е во период предвиден за одмор.
– Цепат дрва кога ќе посакаат, и тоа најчесто рано наутро или во часовите предвидени за попладневен одмор. Сите ние имаме мали деца, а бучавата од цепењето, често и од сечењето со моторна пила навистина е иритантна. Меѓутоа, сепак, не пријавуваме бидејќи сме соседи, не сакаме да создаваме проблеми – нагласува таа.
ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ
За ваквото несовесно однесување на граѓаните постојат и закон и санкции, секако, доколку тие бидат забележани од полициски службеник или пак доколку се пријави нарушување на Законот за јавен ред и мир.
Според членот осум од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, „кој им го нарушува мирот на други со пеење, користење музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15 до 18 часот и по 23 часот до шест часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“.
СЀ ПОВЕЌЕ УРБАНИ ОПШТИНИ ВО СКОПЈЕ
Проблемот со набавка и сечење дрва полека но сигурно се искоренува во неколку општини во градот. Меѓу нив се и Карпош и Центар, од каде што велат дека како најурбани општини, вакви проблеми повеќе немаат.
– Општина Карпош се вбројува меѓу најурбаните општини во државата. Под тоа се подразбира и начинот на затоплување во зимскиот период, поточно најголем процент од домаќинствата е приклучен на централно греење (парно), но и со геотермални пумпи, во некои индивидуални домувања и со сончеви колектори и други еколошки начини на греење. Сосема мал дел на жители во руралниот дел од општината се грее на дрва, но и тука досега не сме имале проблеми од ваков вид. До Општина Карпош не е официјално пристигната ниту една поплака од граѓаните за евентуално блокирана улица од сечачи на дрва и слично – велат од Карпош.
И во Општина Центар велат дека вакви проблеми немаат, особено поради урбанизацијата, но и поради малиот број куќи.
Од Општина Аеродром, пак, информираат дека инспекциските служби се секојдневно на терен.
– Инспекциските служби се секојдневно на терен и досега таква појава сè уште не забележале, ниту, пак, има стигнато пријава за такви активности. Апелираме до граѓаните доколку имаат информации и сознанија за несовесно однесување на одредени жители, да ни ја посочат конкретната локација и службите веднаш ќе реагираат – велат од Општината.