Град Скопје денеска почна акција за расчистување на дивата депонија во Визбегово, која претставува повеќедецениски еколошки проблем за Скопје, а особено за жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево.
Од оваа депонија, која се протега на површина од 10 хектари (околу 10 фудбалски игралишта), ќе бидат расчистени околу 50.000 кубни метри шут и комунален отпад.
– Овој проблем овде постои повеќе децении и директно влијаеше врз квалитетот на воздухот зашто депонијата често беше предмет или на самозапалување или, пак, ја палеа несовесни граѓани – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој напомена дека веќе дојде до здружување на инспекциските служби на Град Скопје и на скопските општини и дека повеќе нема да се толерира несовесното постапување од страна на поединци што на вакви точки фрлаат отпад. Тој упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат кон животната средина и отпадот што го создаваат.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, рече дека отпадот и нелегалното депонирање е прашање со кое, за жал, сме соочени во повеќе региони.
– Иако депониите се надлежност на општините, ние како централна власт го разбираме предизвикот и се трудиме на разни начини да ја поддржиме локалната власт за надминување на долгогодишните проблеми во оваа област. Драго ми е што денеска почнуваме со чистење на една од најголемите еколошки закани на подрачјето на Скопје, која особено во зимскиот период влијае врз квалитетот на воздухот, но и на почвите. Свесни за тоа, со ребалансот на буџетот, Министерството побара средства за чистење на депонијата во Визбегово во вредност од 20 милиони денари за да помогне во санација на оваа локација. Очекувам дека ова е последен пат да го гледаме Визбегово во ваква слика и со заложбата заедно со општините и Град Скопје овој простор да стане успешен пример за рехабилитација и зелена животна средина – рече Нуредини.