Климатските услови во изминатиот период во Скопје, кои беа проследени со топли и влажни периоди, претставуваа одлична подлога за размножување и за појавување на виделина разни видови инсекти. Најпогодено им е на комарците, кои имаа одлични услови за положување на своите ларви, од кои и дојдоа нови поколенија, кои веќе ги нападнаа скопјани поради задоцнетата дезинсекција. Од прскањето од земја и воздух можеби се спасија и многу други инсекти, но само светулките што се појавија во Градскиот парк и покрај кејот на Вардар кај граѓаните измамија насмевки и убави чувства.
Овие инсекти одамна не биле забележени, особено не во урбана средина, а нивната неочекувана појава ги вчудовиде и ги израдува помладите, но и повозрасните.
Светулките се инсекти, тврдокрилци, кај кои е застапен процесот на биолуменисценција, односно процесот на хемиско создавање светлина. Жолто-зелената светлина што ја емитуваат, по која се впечатливи и интересни за нас, тие сепак ја користат при процесот на парење.
– Светулките имаат важна улога во биоконтролата на еден екосистем. Нивните ларви се хранат со голем број инсекти и така ја регулираат својата популација. Во изминативе години се забележува драстичен пад на популацијата на светулките. Тоа се должи на сѐ поголемата урбанизација и губењето на живеалиштата на светулките, како и на зголемените светлосни апарати, кои им влијаат на размножувањето. Светулките, како и другите видови инсекти, се чувствителни на инсектицидните третмани на регионите. Често додека се уништуваат комарците, патем се уништуваат и други видови. Ова може да се спречи со планирање на третманите во сооднос на животниот циклус на инсектите или со користење специфични инсектициди што ќе ги целат само на комарците – вели биологот Кирил Арсовски.
За да се справат со штетните инсекти, луѓето измислиле повеќе видови дезинсекција. Кај нас најчесто се пристапува кон ларвицидна дезинсекција, која претставува превентивен метод. Таа влијае на ларвичниот стадиум од процесот на животот на еден инсект, поточно во фаза на формирање на инсектот.
– Главната улога на дезинсекцијата е намалување на штетните инсекти, како што се комарците, мувите и мушичките. Овие видови инсекти се штетни за човековото здравје заради пренесување одредени болести. Комарците ги пренесуваат автохтоната маларија и нилската треска. Немањето соодветна контрола на нашата граница за луѓе што доаѓаат од тропските предели каде што постои можност од заразување на овие болести, претставува голема опасност. Доколку не се третираат болестите, во одредени случаи може да настане смрт – вели Лилјана Синадиновска-Андреевска, примариус, доктор епидемиолог од Центарот за јавно здравје на Скопје.
Лани имаше заболени, но и смртни случаи предизвикани од нилска треска во Грција и во Србија, па оттаму опасноста од ваквите заболувања не треба да се занемари, иако комарецот претставува само преносител. Ако викендов и се реализира дезинсекцијата што ја најави градот, неоспорно е дека средството со кое ќе се уништуваат комарците ќе влијае и на другите инсекти, па и на светулките. Затоа граѓаните нека уживаат во светкањето на светулките во вечерните часови додека можат.