„Свети Димитрија“ е една од најстарите цркви во Скопје и се наоѓа во близината на Камениот мост, на левата страна на реката Вардар.
Се претпоставува дека по Карпошовото востание од 1689 година била напуштена. Црквата повторно заживува во втората половина на 18-от век, а во текот на 19-от век неколкупати е реновирана (1835, 1864, 1886 и 1894 год.).
Во 1772 година во Скопје пристигнал првиот грчки митрополит Антим и тогаш единствена функционална црква во градот била „Св. Димитрија“. По пристигнувањето на грчкиот митрополит, започнала да се врши богослужба на грчки и црковно-словенски јазик, грчки на десната, а словенски на левата страна од црквата. Овој обичај потоа се пренел и во црквата „Св. Спас“ која била обновена во 1820 година, а потоа и во црквата „Св. Богородица“ која била изградена во 1835 година со помош на познатиот првенец Хаџи Трајко.
Во дворот на црквата се до Првата светска војна постоеле гробишта, во кои бил погребан и македонскиот револуционер Борис Дрангов, но подоцна српските власти ги преместиле неговите посмртни останки во градските гробишта.