Според Хелсиншкиот комитет, во првите девет месеци од годинава во земјава се пријавени 709 кривични дела од областа на семејното насилство, во кои 610 жртви биле жени
Годинешниот Меѓународен ден за елиминација на насилството кон жените, кој започна вчера, се означува со 16 дена активизам, кој ќе заврши на 10 декември 2019 година, а се одржува во рамките на Меѓународниот ден на човековите права. Глобалните истражувањата на Обединетите нации покажуваат дека само половина од жените во брак или во заедница имаат право слободно да донесуваат свои одлуки. Додека истражувањата и податоците од ОБСЕ за Македонија покажуваат дека само 2 отсто од жените што доживеале насилство од партнерот имаат пријавено во полиција.
Насилството врз жените претставува глобален проблем и е во фокусот на светската јавност, а податоците покажуваат дека и во нашето општество се врши насилство, и тоа најчесто врз жените.
Информациите од извештајот на Хелсиншкиот комитет наведуваат дека во првите девет месеци од годинава во земјава се пријавени 709 кривични дела од областа на семејното насилство, во кои 610 жртви биле жени. Тие велат дека може да се заклучи дека семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени. Според Министерството за внатрешни работи, во 2019 година имало 1.884 поплаки и 202 прекршочни пријави за семејно насилство. Во 2018 година вкупно шест жени биле убиени при семејно насилство, додека, пак, во 2019 година до септември се убиени две жени. Исто така, во 2019 година имало 14 силувани жени.
Овие податоци укажуваат дека ни Македонија не е исклучена од феноменот на родовото насилство, но ни од потребата за јавно издигање на свеста. Спроведеното истражување на ОБСЕ во Македонија покажува дека „само 2 отсто од жените што доживеале насилство од сегашниот партнер го пријавиле во полиција“. Овој податок покажува дека реалната бројка за жени што трпат насилство е многу повисока од официјалната статистика. Истражувањето на ОБСЕ открива дека три од пет (60 отсто) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава. Истиот став го имаат и психолозите.
– Живееме во општество каде што жените, но и голем дел од општеството, го толерираат насилството, особено психолошкото и сексуалното, свесно или несвесно, обидувајќи се да „рационализираат“ дека „тоа е улогата на жената и таа треба да трпи“ – вели Јасмина Јонуз, магистерка по советодавна психологија.
За да се победат овие поразителни бројки, потребно е да работат заеднички сите актери во општеството: институциите, граѓанските организации, медиумите, како и сите граѓани. Насилството врз жените не претставува приватна работа, тоа е општествено негативна појава, која е потребно да се намали и искорени, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Слични се податоците и од Обединетите нации, кои покажуваат дека една од три жени и девојчиња доживува физичко или сексуално насилство во текот на животот, најчесто од страна на интимен партнер. Само 52 проценти од жените во брак или во заедница слободно донесуваат свои одлуки за сексуални односи, употреба на контрацептивни средства и здравствена заштита.
Во светот речиси 750 милиони жени и девојчиња стапиле во брак пред нивниот 18-ти роденден; додека 200 милиони жени и девојчиња претрпеле осакатување на гениталиите. Околу 71 отсто од сите жртви на трговија со луѓе во светот се жени и девојчиња, а три од четири од овие жени и девојчиња се сексуално експлоатирани, се наведува на страницата на Обединетите нации.
Од овие причини, потребно е издигање на свесноста за овој проблем и означување на овој ден, за да се елиминира насилството врз жените. Во изминатите години се појавуваат разни организации и кампањи, како „Ние се залагаме за жените“ и „И јас исто така“, чија цел е елиминација на насилството врз жените. Темата за 2019 година за Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените е „Портокалов свет: кампања против насилство и силување жени“.