Улицата „Востаничка“ во општината Кисела Вода за околу два месеца ќе добие нов лик, најавуваат од Град Скопје.
Како што информираат од таму, од денеска се врши реконструкција на оваа значајна сообраќајница, на потегот од улицата „Црниче“ до улицата „Свети Наум Охридски“.
Станува збор за делница долга 1.100 метри на која ќе се обноват коловозот и рабниците, а ќе се реконструираат и тротоарите со замена на бекатон-плочки, онаму каде што е неопходно.
– Улицата „Востаничка“ е всушност продолжение на улиците „Бихаќка“ и „Црниче“, кои беа предмет на реконструкција минатата година. Овде ќе решиме и еден горлив проблем што долги години ги мачи граѓаните од овој дел од градот, ќе изработиме нови 76 приклучоци во водоводната мрежа за да обезбедиме континуирано и квалитетно водоснабдување – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Вредноста на реконструкцијата на улицата „Востаничка“ изнесува околу 15 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 50 дена.
Шилегов додаде дека е во тек градежна офанзива за изградба и обнова на градските сообраќајници, за да се подобри квалитетот на урбаното живеење во Скопје.