Реконструкцијата на мостот Гоце Делчев што се случува деновиве создава големи сообраќајни метежи особено во активниот дел од денот. Топлото време и бавниот проток на сообраќај им задава главоболки на возачите што поминуваат низ овој дел на Скопје. Тие ги прашуваат надлежните зошто не се вклучат повеќе работници за побрзо да се заврши работата или зошто градежните активности не се извршуваат во некое посоодветно време.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов уште при почетокот на реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев“, кажа дека градежните активности ќе траат 40 дена. Тој на граѓаните им препорача да го одбегнуваат мостот „Гоце Делчев“.
– Ќе треба да издржиме тие 40 дена, да имаме сообраќаен метеж или ќе падне мостот „Гоце Делчев“. Лето е, луѓето не се толку присутни и вистинско време е да ја извршиме таа дилатација на мостот – изјави Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање пред градот Скопје.
Извршувањето на овој потфат е потребно затоа што дилатација на мостот не е направена повеќе од 13 години. Сега реконструкцијата се одвива истовремено во двете насоки од булеварот Гоце Делчев. Градежните работи се изведуваат во две фази. Во првата при изведба на градежните работи, сообраќајот на потегот од „Мавровка“ кон Владата ќе се одвива во две сообраќајни ленти, а сообраќајот на потегот од старата пошта кон Судската палата ќе се одвива само во една сообраќајна лента. Во втората фаза при изведбата на градежните работи, сообраќајот на потегот од улицата Филип Втори Македонски кон булеварот Илинден ќе се одвива во само една сообраќајна лента, додека сообраќајот во спротивниот правец ќе се одвива во преостанатите две сообраќајни ленти, наведуваат од градот Скопје. Поради овие градежни зафати беа затворени одредени правци кај мостот за сообраќај, се воведуваше привремен сообраќаен режим, а автобусите од јавниот превоз што сообраќаат во тој дел беа пренасочувани. Сите овие работи дополнително им ги отежнуваат условите за движење како на возачите така и на патниците, кои од тие причини потешко стигнуваат до саканата дестинација.
А чекањето на топлото време во сообраќајот и долгите колони што се формираат предизвикуваат нервоза и нетрпение кај возачите што се во автомобилите, засилени и зачестени се свирењата на сирените, а се случуваат и меѓусебни расправии.
– Кога се враќам од работа накај дома морам да поминам низ булеварот Гоце Делчев. Поради активностите и реконструкцијата на мостот протокот на возила е многу бавен. На топлово време ако немате клима-уред не се издржува, а сообраќајниот метеж може да те остави да чекаш и по 20 минути. Ако одам низ друг пат пак морам да навратам кај крајот од булеварот и пак има метеж. Ако одам низ центарот за да го избегнам булеварот како и секогаш, во шпиц термините има преголем застој. Постојано се слушаат свирежи од автомобили и нервозни возачи. Ама па и на други места има реконструкции, и како секаде да има некој застој. Партизанска, Гоце Делчев каде е крајот? Па не може ли да се работи во трета смена, приквечер и на поладно. Ако не нека земат повеќе луѓе, нека работат побрзо да се сработи реконструкцијата. Ова веќе нема смисла – вели изреволтиран граѓанин од општината Автокоманда.
Од градот Скопје велат дека се работи на поголем број локации во насока на подобрување на сообраќајната инфраструктура во Скопје. Големите градежни зафати секогаш се извршуваат во летниот период бидејќи во овој период на годината градот има најмал број жители со оглед на тоа што е завршена учебната година и има годишни одмори. Од тие причини полесно се извршуваат градежните работи и бројот на возилата е значително помал.
– Бидејќи сезоната е релативно кратка, понекогаш мора да се прават поголем број зафати симултано, кои дополнително го отежнуваат одвивањето на сообраќајот, но доколку овие градежни работи не се завршат во текот на летото, истите тие ќе се одвиваат во сезона кога има многу повеќе жители и возила и метежот ќе се зголеми неколкукратно. За таа цел, како никогаш досега се работи плански и брзо, каде што неколку улици се реконструираа целосно за 10 до 25 дена.
Во однос на мостот „Гоце Делчев“, станува збор за реконструкција на дилатациите на мостот, и кај нив состојбата беше ургентна (истите тие не се реконструирани повеќе од 13 години) и мораше да се изврши овој зафат. Кај овој вид зафати самите градежни работи се вршат само неколку дена, а подолг период (дваесетина дена) се потребни за зацврстување на самиот материјал. Овој период ваков зафат се спроведе и на мостот на реката Серава на бул. Никола Карев (поранешна Јадранска магистрала). Во однос на работата во вечерните часови, градот Скопје нема ништо против овие идеи, но сепак нашите компании сѐ уште не се целосно во можност од техничко-технолошки аспект да вршат ваков вид работа – велат од градот Скопје.
Од сите информации може да се заклучи дека сепак тегобите на скопјани во сообраќајот периодов ќе продолжат и понатаму.
Промена во режимот за возење кај мостот „Гоце Делчев“
Реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев“ влегува во втора фаза. Од овие причини градежните активности за реализација на проектот „Реконструкција на дилатации на мост ’Гоце Делчев‘ во двата правци“, од вчера повторно воведе промена во сообраќајниот режим на дел од булеварот Гоце Делчев.
– Во правец од ТЦ „Мавровка“ кон објектот на Влада на РСМ ќе се вози по две сообраќајни летни, а градежни активности ќе се изведуваат на една сообраќајна лента во овaa насока (досега беа затворени две, а сообраќајот се одвиваше по една лента). Во другата насока од Центар кон ТЦ „Мавровска“, од утре ќе се вози по една сообраќајна лента, додека две ќе бидат затворени и по нив ќе се изведуваат градежни работи – се вели во известувањето од градот Скопје.