Од општината Илинден информираат дека со засадување повеќе садници и уредување на просторот кај Спортско-образовниот центар и пешачко-велосипедската патека Марино – Кадино, продолжиле со реализација на проектот „Со зеленило против загадувањето“.
Во спроведувањето на овој проект се вклучиле и повеќе граѓани, ученици, младинци, пензионери, претставници на бизнис-секторот, општинските комунални претпријатија и општинската администрација.
Од оваа локална самоуправа велат дека проектот е дел од континуираните активности за заштита на животната средина на општината Илинден. Со активностите од проектот за зазеленување што се реализира во месеците март и април опфатени се 25 локации на површина од 80.000 квадратни метри.
Целта на овој еколошки проект е преку озеленување на јавните површини во урбаниот дел на општината, односно покрај пешачко-велосипедските патеки, површини покрај општински улици и патишта, просторот околу домовите на култура, училишните дворови, просторот околу детската градинка, површини околу спортските терени и други јавни површини, да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот, унапредувањето на животната средина, како и подобрување на условите за живеење и квалитетот на животот во локалната заедница, велат од општината Илинден.
Исто така, општината ги повика и сите граѓани да дадат свој придонес за подобрување на условите за здрава животна средина.