Оние граѓани кои сèуште одат на работа, работат во смени, па и оние кои имаат итни и неодложни потреби, а не се во можност да користат сопствен превоз, сèуште се потпираат на транспортните услуги на јавните сообраќајни претпријатија или на такси услугите. Тешкотиите за таа група граѓани се безмалку непремостливи. Има ли надеж за преструктуирање на внатрешниот превоз на патници во услови на коронавирусот?
Здравствената криза со коронавирусот ги погоди и таксистите. Нема работа, кратко одговараат тие, граѓаните се дома и многу малку од нив бараат такси-услуги. Оние што, сепак, не се откажуваат и излегуваат да поработат, велат дека попусто излегуваат, немаат никаква заработка, повеќе ќе потрошат. Со она малку што ќе го заработат од кратки дестинации не можат да купат само средства за дезинфекција на возилото и заштитни маски и ракавици. Мораат да ги дезинфицираат возилата и тоа го прават двапати дневно, велат најмногу што можат, бидејќи средствата за дезинфекција им се скапи кога не заработуваат. Никој не им поделил гратис, ниту заштитни маски и ракавици, кои мораат да ги носат за да се заштитат и себе и патниците што ги возат.
Но она што за нив сега е болна вистина, е тоа што патници нема и тие економски тонат, а многумина се веќе на работ на егзистенција. Претставници на Групацијата на автотакси-превозници на Град Скопје, кажуваат дека многу од компаниите имаат само дежурни во диспечерските центри, но и таму нема кој да заѕвони и да побара такси-превоз. Од друга страна, пак, поради коронавирусот животот не е запрен и има граѓани, кои сѐ уште одат на работа. Некои работат во смени и во периоди кога има забрана за движење, а нема јавен превоз, неопходно им е да побараат такси-услуга, но тешко ја добиваат.
Уште потешко ќе биде викендов, по одлуката на Владата за продолжување на забраната за движење за сите граѓани од петок во 16 до понеделник до 5 часот, кога нема да има јавен превоз. Од ЈСП „Скопје“ веќе најавија редукции во движењето на автобусите. Некои граѓани велат дека и во периоди од денот кога нема полициски час, им се случувало и по 45 минути да ѕвонат во некои од такси-компаниите и никој да не им одговори. Сега новинарите, пекарите, железничарите и другите што викендов работат во смени, а немаат никаков друг превоз, се прашуваат како ќе стигнат на работа и од работа. Упатените велат дека малку се таксистите што имаат дозвола да возат за време на забраните за движење на граѓаните.
– Проблемот е во тоа што сега воопшто немаме работа, дури и оние што излегуваат да работат и по 12 часа се на терен едвај заработуваат по 500 денари, што не е доволно да ги покријат ниту трошоците за гориво. Нашата групација на автотакси-превозници имаше барање до Владата барем некако да ни помогнат со придонеси и плати, бидејќи во оваа ситуација таксистите немаат излез. Во градов вкупно има триесетина компании што функционираат, но сега навистина е тешко за сите. Оние што излегуваат да возат најчесто имаат договорен превоз или имаат дозволи да возат и во време на полициски час, најчесто од и до болниците. Најголем дел од таксистите што работат се од такси-компаниите што имаат сопствени возила. Такси-компаниите одлучуваат колку возила ќе бидат дежурни за време на полициски час. Ако некој нема дозвола за возење за време на полициски час, нема зошто да ризикува и да вози – вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси-превозници на Град Скопје.
Кои се такси-компаниите што можат да ги превезуваат граѓаните што имаат работни обврски додека трае полицискиот час, од Град Скопје не ни одговорија, информирајќи нѐ дека дозволи за движење во полициски час издава Министерството за администрација и информатичко општество и за повеќе детали нѐ упатија токму таму. Бидејќи оттаму не стигна одговор, „Нова Македонија“ во интерес на граѓаните малку истражуваше од кои такси-компании може да се добие услуга.
Од она што го утврдивме, повеќето од такси-компаниите возат од 7 до 15 часот и повеќето немаат дозволи да возат кога има полициски час. Викендов кога забраната за движење ќе биде многу подолга, воопшто нема да работат. Некои ни рекоа дека според информациите со кои тие располагаат, ќе има само неколку дежурни возила на такси-компанијата „Голбал“. Од оваа компанија само ни го потврдија тоа и додадоа дека поседуваат дозвола за работа во време на полициски час. Токму поради тоа, патниците мораат барем половина час пред да тргнат да побараат возило.