Сепак и годинава не изостанува традицијата да се зголемуваат цените непосредно пред празниците. Ако претходните денови една роза можела да се купи за 100 денари, денот пред празникот се продава од 120 до 150 денари, во зависност од големината и квалитетот. Трговците го објаснуваат поскапувањето на цвеќето со зголемените трошоци при увозот од Холандија
Празничната осмомартовска шопинг-еуфорија, како и секоја година, зафати голем дел од скопјани. Од најстаро до најмладо, сите се во потрага по продавниците да изберат што е можно поубав подарок за својата сопруга, мајка, баба, свекрва, снаа, сестра… за да им го честитаат Меѓународниот ден на жената. Некои уште вчера, последниот ден од работната недела, ја решија својата дилема, а сабота и недела најверојатно ќе биде големиот шпиц, кога ќе се упатуваат кон Цветниот пазар за да одберат што поубав цвет, букет или некој поголем цветен аранжман.
Продавачите на цвеќе навистина имаат богата празнична понуда и од цвеќе и од цени. Сепак и годинава не изостанува традицијата да се зголемуваат цените непосредно пред празниците. Граѓаните што вчера купуваа цвеќе, велат дека цената е зголемена. Ако претходните денови една роза можела да се купи за 100 денари, вчера во зависност од големината и квалитетот, се продаваше од 120 до 150 денари. Продавачите го објаснуваат поскапувањето со зголемените трошоци на производителите од Холандија, од каде што се увезува цвеќето, и со наводно поскапување на транспортот. Еден каранфил можеше да се купи по цена од 60 денари, додека, пак, лалињата чинат 10 денари повеќе. Овој лесно препознатлив цвет е еден од најпопуларните, покрај розата, и најчесто се поврзува со Холандија, каде што првпат процветал во 17 век.
Оние што повеќе сакаат да купат зумбули во саксија мораат да издвојат по 100 денари. Убавите бегонии во неколку бои чинат 400 денари, додека, пак, ниска или висока гузманија, цвеќето познато како куќна убавица се продава по 350 денари. Нешто помалку чини дифенбахијата во саксија, 300 денари, за која исто така се смета дека е салонско цвеќе што жените сакаат да го имаат. Цикламите во саксија за многумина се цвеќе што го одбираат за подарување, а во саксија се продава по цена од околу 200 денари.
– Поскапи се розите, можеби затоа што најмногу се трошат како поединечен цвет за подарок. Јас оваа орхидеја ја купив заедно со колешките за нашата шефица. Цвеќето, според мене, е најубав подарок, со кој симболично треба да се одбележи празникот – вели една средовечна скопјанка.
На Цветниот пазар е збогатена и понудата на букети цвеќе, различно аранжирани, со различни видови цвеќе и, секако, со различни цени во зависност од тоа какво цвеќе и по колку цветови содржат букетите. Па оттаму, еден аранжиран букет чини од 400 до 1.200 денари и повеќе. За аранжман направен од хризантеми со орхидеја треба да се плати 450 денари, додека за букет од три кали треба да се издвојат 400 денари.
– Купувам цвеќе за моите две снаи и веќе одбрав дифенбахија. Обично им купувам цвеќе, а и тие знаат дека го сакам цвеќето, па ми подаруваат цвеќе. Некако како заемно да се договараме, но сметам дека најдобро е да се подари цвеќе за празникот на жената – вели повозрасна скопјанка.
Аранжман направен од еден цвет стрелиција или популарно познат како рајска птица со гелебер, исто така, се продава за цена од 450 денари. Саксиски аранжирана кузманија со палма и три цвета халанхоја чини 2.000 денари, додека различна големина на халанхоја, како сакциско цвеќе се продава од 250 до 800 денари. Азалејата во саксија може да се купи за 700 денари.
– За моите жени од семејството купив каранфили и рози, за да им изразам почит и внимание за празникот на жената, иако сметам дека на жената секој ден треба да ѝ се посветува внимание, а не само на 8 Март. Ако тоа не е така, тогаш цвеќето попусто се купува. Според мене, тоа е и најубавиот подарок за жената на овој празник. Секоја година купувам цвеќе, но сметам дека може да се подаруваат и други подароци и не само на овој ден – вели пензионер од Општина Центар.