Со еден збор, изминатава 2020-та би ја оценил како тешка и неизвесна година, за која мислам дека како општина добро ја поминавме. Ова време на пандемија направи и неколку, би рекол, позитивни работи, на пример ја забрза дигитализацијата на услугите што општината им ги дава на граѓаните, за да можеме во вакви услови по електронски пат да ги задоволиме потребите на граѓаните, рече градоначалникот Георгиевски

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ГАЗИ БАБА, БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ

Во интервју за „Нова Македонија“, градоначалникот на Општина Гази Баба вели дека и покрај коронавирусот голем дел од проектите успешно се реализирани, иако епидемијата сепак оставила свој печат на работењето на општината. За наредната, 2021 година, тој најавува голем број капитални проекти, како и голема посветеност на заштитата на животната средина.

Како ќе ја оцените изминатава година како градоначалник?
– Впрочем, 2020 година беше тешка година. Пандемијата на ковид-19 одложи многу планирани проекти на општината во тековната година, во делот на спортот, културата и инфраструктурата. Повеќето од средствата во буџетот веднаш беа пренасочени во насока на борба со овој вирус и заштита на граѓаните. Вршевме дезинфекција на улиците, детските и спортски игралишта, поставивме четири пункта за дезинфекција на возила, обезбедивме доволно количество заштитни маски и дезинфекциски средства за училиштата и детските градинки. За време на карантинот, како општина се обидовме преку повеќе различни предизвици да им го направиме интересно седењето дома на дечињата и ме радува тоа што токму тие предизвици побудија голем интерес кај нив и добивме прекрасни и креативни решенија. Но пандемијата не нѐ спречи да започнеме и проекти што се во директен интерес на граѓаните. Па, така, започна изградбата на канализациската мрежа во населеното место Гоце Делев, како и изградбата на фекалниот колектор и фекалната мрежа во Смилковци, решавајќи децениски проблеми што ги мачеа граѓаните. Со еден збор, изминатава 2020-та би ја оценил како тешка и неизвесна година, за која мислам дека како општина добро ја поминавме. Ова време на пандемија направи и неколку, би рекол, позитивни работи, на пример ја забрза дигитализацијата на услугите што општината им ги дава на граѓаните, за да можеме во вакви услови по електронски пат да ги задоволиме потребите на граѓаните. Исто така поради пандемијата подолго време немаше приемен ден за граѓаните, кој исто така започнуваме да го одржуваме преку онлајн врска. На тој начин граѓаните повторно ќе имаат можност да ги изнесат своите проблеми, барања и предлози до мене и до администрацијата.

Што ќе издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
Па, секако, тоа би биле големите капитални проекти преку кои решаваме децениски проблеми што граѓаните ги имаа со немањето водоводна или канализациска мрежа. Успеавме да ја започнеме изградбата на фекалната канализациска мрежа во населеното место Гоце Делчев, што откако се оспособи фекалната мрежа во Трубарево доаѓа како една комплетна целина. Паралелно на терен се вршеа активностите за изградба на фекалната вакуум-канализација во Јурумлери, која веќе следната година ја завршуваме. Исто така тука мора да го наведам и почетокот со изградба на фекалната канализација и фекалниот колектор во Смилковци, што е проект финансиран со средства од ЕУ-програма за меѓугранична соработка, средства на Владата и средства на Општина Гази Баба. Среќен сум што овој проект решава децениски проблем, но ја заштитува и животната средина, а она што особено ме прави горд е што ова е прв проект за кој општината има добиено грант од ЕУ за реализација на капитален проект. Обезбедивме средства и веќе е распишана тендерската постапка за изградба на нова училишна сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, со што учениците конечно добиваат услови за наставата по физичко образование бидејќи ова училиште, како и училиштето во Булачани „Наум Охридски“ немаат спортски сали. Веќе ја завршивме спортската сала за ООУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром, каде што учениците по повеќе од 20 години наместо да ја одржуваат наставата по физичко во училишниот хол можат да вежбаат во модерна сала. Во 2020 година реализиравме и проекти за кои сум особено среќен што предизвикаа голем интерес и кај граѓаните и кај општествено одговорните компании, а тоа е хуманитарната активност „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“. Акција што ја организиравме заедно со повеќе здруженија во пресрет на Денот на општината каде што заедно со донациите од граѓаните успеавме да собереме еден тон прехранбени производи. Исто така заедно со компаниите и донацијата на кинеската амбасада успеавме да обезбедиме 910 таблет-уреди за учениците од основните училишта, кои немаа како да ја следат електронски наставата, односно дечиња од семејства во социјален ризик и дечиња од многудетни семејства.

Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
Мојата најголема желба за моите сограѓани, но и за сите граѓани е пред сѐ многу здравје за нив и за нивните блиски. Посакувам полека животот да се враќа во нормала да можеме повторно да се дружиме, да уживаме со пријателите и роднините, да се врати насмевката кај луѓето и да излеземе од стравот во кој нѐ зароби овој вирус. Се надевам и верувам дека сите заедно почитувајќи ги сите мерки и препораки ќе придонесеме што побрзо да се случи ова.

Што ќе посакате за вас и општината за 2021 година?
Посакувам следната 2021 година да можеме без проблем да ги спроведеме сите планирани проекти што значат развој на општината, а со кој решаваме децениски проблеми што ги имаат граѓаните. Тука мислам не само на инфраструктурните проекти туку и на проектите од културата и спортот. Година во која полека последиците од пандемијата во стопанството и економијата ќе се стабилизираат, а компаниите во општината ќе можат да ги реализираат планираните развојни инвестиции, кои значат отворање нови работни места, но и развој на локалната економија и развој на општината.

На што ќе се фокусирате во 2021 година?
Остануваме посветени како и досега на граѓаните и на решавање на проблемите што многу години ги мачат. Изградба на водоводни и канализациски мрежи, како и подобрување на инфраструктурата. Очекувам во 2021 година да ја завршиме изградбата на примарната канализациска мрежа за Јурумлери и во Смилковци, како и во Гоце Делчев. Да започнеме со изградбата на фекалната мрежа во населените места Страчинци и Црешево. Водоводите во Булачани и во Раштак да ги финишираме со поврзување на домаќинствата, но и со копање нови бунари со кои ќе го зголемиме капацитетот на водоводната мрежа во Раштак. Секако едно од прашањата ќе биде и решавање на инфраструктурата во новата населба Хиподром 2, нешто што општината одамна им го должи на граѓаните од таа населба. Посветени ги продолжуваме инвестициите во образованието и детските градинки, со реконструкција на објектите и обезбедување паметни табли за модернизирање на наставата. Директорите на основните училишта и градинки заедно со секторите во општината веќе работат на усогласување за капиталните проекти што ќе се реализираат следната година, каде што се обезбедени близу 15 милиони денари во буџетот на општината. Следната година започнува и изградбата на дневниот центар за деца со посебни потреби и сензорната соба, кои ќе бидат сместени во населбата Железара. Фокус ќе ни биде и животната средина, преку уредувањето на повеќе јавни површини, кои, за жал, во 2020 година поради уредбите не можевме да ги реализираме и ги префрламе за новата година. Потоа набавка на нова механизација и опрема за нашето комунално претпријатие, како метларки и цистерни за миење на улиците, со што ќе можеме сами како општина да ги чистиме улиците во наша надлежност.

Што ќе им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
Најпрво посакувам да се чуваат и да ги следат препораките од надлежните институции. Празниците што ни претстојат да ги поминат со најблиските членови на семејството, без големи собири и групирања, со кои можат да го загрозат своето здравје. Посакувам да ги следи здравје и среќа низ целата година и полека да почнеме да размислуваме за моментите кога животот повторно би се вратил во нормала како претходно. Сакам граѓаните, како и сите овие изминати три години, да нѐ следат во нашата работа. Да бидат наш не само поддржувач туку и искрен критичар за секој проект што го почнуваме. Само на тој начин заедно посветени можеме да ја реализираме нашата визија Гази Баба да биде модерна и развиена општина.

[email protected]