Поранешни вработени во фабриката „ОХИС“ тврдат дека во кругот на фабриката има опасна жива, како остаток од работењето на некогашниот дел од погонот електролиза.
Тие го актуелизираа ова прашање на дебатата во Општина Кисела вода на која се одржа трибина за дислоцирање на опасни хемикалии од „ОХИС“.
Ефтим Мајсторовски, пензиониран работник од фабриката, изјави дека имало студија уште во 2009 година која покажала дека живата ја има во кругот на фабрика, а не била исклучена можноста таа понирала во земјата и во подземните води.
Посочи дека дилемата дали се уште постои во кругот на фабриката, треба да ги дадат анализите на надлежните институции.
– Како резултат на истражувањата кои беа направени тогаш , знаеме дека живина технологија се користеше во објектот електролиза и под тој погон во земјата постои можност да ја има под целиот овој објект.Анализите покажаа дека живата мигрирала во подлабоките слоеви на почвата подлабоко од 20 метри но и надвор од погонот. Во таа студија беше посочено дека постои опасност да биде зафатено земјиштето, се до кејот на Вардар, а земјата загадена и непогодна за земјоделски култури – рече Мајсторовски.
Според стечајниот управник на фабриката Маринко Саздовски во кругот на ОХИС немало жива како опасна материја за отстранување.
– Според документацијата што ја попишав , дојдов до податок дека има жива како опасна материја за уништување, освен наведените 11 хемикалии кои ги отстранува фирмата „Еко центар 97“. Тоа е што јас го имам како податок – рече Сзадовски.
Присутните во салата не беа задоволни од одговорот и довикува „Има жива како нема жива“ молчат , не кажуваат. Беше прозвана и фирмата Еко- центар, која ја доби концесијата да го исчисти опасниот отпад од кругот на ОХИС. Но, нивниот преставник потврди дека во проектот за отсранување на штетни хемикалии ова материја ја нема на списокот.
– Во мојот проект не постои и не сум надлежен за таа материја – одговори кусо Владо Момировски од „Еко-Центар 97“.
Вработениете го тврдеа спротивното. Ги повикаа надлежните институции да направат анализа околу неколку погони во кругот на фабриката, посочувајќи дека постои опасност од еколошка катастрофа. На дебатата што ја организираше Општина Кисела вода, немаше претставник од министерството за екологија, иако претходно беше најавено присуството на заменик министерот Јани Макрадули.