Овој вид комарец првпат во земјава е детектиран во 2016 година во реонот на Богданци, но во 2018 година е забележано неговото проширување во Дојран, а сѐ повеќе и во општините во Скопје
ТИГРЕСТ ЦРН КОМАРЕЦ СЀ ПОЧЕСТО СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА ВО МЕТРОПОЛАТА
И покрај фактот што имаше дезинсекциско „прскање“ против комарци, потоа и времето значително залади, а температурите опаднаа за повеќе од десетина степени, со што се очекуваше дека присуството и активноста на комарците ќе опаднат, граѓаните сигнализираат дека комарците забележливо повторно се присутни и агресивни во Скопје. Но овој пат, жителите на Скопје забележуваат и јавуваат за поинакво однесување на комарците, но и за поинакви комарци. Црни со бели линии, доста агресивни и нападни, со поинтензивни убоди, но и повеќекратни убоди се карактеризираат овие старо-нови комарци, кои сѐ повеќе ги има во главниот град. Станува збор за видот азиски тигрест комарец, кој како што говори и името, потекнува од азиските предели.
НАПАДНИ ПРЕКУ ДЕН НАДВОР, А НАВЕЧЕР ДОМА
Напаѓаат претежно преку ден. Нападни се, агресивни, интензивни и не се откажуваат. Убодот се чувствува, не е како другите комарци. Не каснуваат само еднаш туку и по неколкупати, а против нив не помагаат ниту средствата против комарци, ниту пак народните лекови.
Изминатиот период скопјани честопати ги изговараат овие реченици, бидејќи комарците буквално не се откажуваат. Деца шетаат намачкани со течна пудра, други со разни гелови за да го ублажат чувството на иритација и чешање по убодот.
Жителите на неколку скопски населби велат дека со вакви комарци никогаш не се соочиле досега.
– Живеам во Бутел 2 и навистина оваа година мака мачиме со комарците. Не можеме да седнеме во двор од нив. Знаеме дека секоја година ги има, но како што се оваа година нападни, не биле ниту една. Ти го бркаш, тој се враќа. Каса преку облека, каса повеќепати, буквално се пика во коса, во очи, во облека… црни се со бели линии. Не знам кој вид е и навистина не ме интересира, но неподносливи се. Целиот двор го насадив со босилек, јас и децата се мачкаме со средства против комарци и попусто е. Ништо не ги спречува, па дури ниту облеката – вели Весна Илиевска.
И ова не се случува само во оваа населба. Слично е и во Радишани, Железара, Гази Баба, Чаир.
– Преку ден е невозможно да се излезе и да се прошета дете кај нас во населба. Можеби ги нема рој, но ги има во значително поголем број. Никогаш досега не сум сретнал вакви комарци. Агресивни и бестрашни, испокасани сме сите, децата од чешање буквално се разранети и цели се со рани по телото – вели Марјан Димитриевски, жител на Железара.
Проблем, како што вели Вајда Исмаили од Чаир, е тоа што и навечер немаат мир од комарците, бидејќи и покрај сите заштити, некој ќе влезе во домот, па нема спас од нив.
– И во вечерните часови немаме мир од комарциве. Преку ден немаме мир надвор, навечер дома – вели таа.
Ги привлекуваат повеќе влага, зеленило и вода
Според експертите, овој вид комарци освојуваат територии, па затоа можат да се забележат на нови локации.
– Ги има на локации каде што има повеќе влага, зеленило и вода. Освојуваат територии, се прошируваат и затоа ги има и на локации каде што досега ги немало – вели Николина Соколовска, медицински ентомолог, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје.
Овој вид комарец првпат во земјава е детектиран во 2016 година во реонот на Богданци, но во 2018 година е забележано неговото проширување во Дојран и во повеќе општини во Скопје.
Градските власти досега реализираа три дезинсекции против ларви и четири против возрасни форми на комарци.
– Град Скопје има надлежност за спроведување дезинсекција против комарци и тоа го прави редовно, во согласност со Програма за спроведување дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, која ја носи Советот на Град Скопје. Со оваа програма, која се изработува во согласност со законските надлежности на Град Скопје, во соработка со стручни лица од универзитетите, прецизно се утврдени опфатот и начинот на спроведувањето на дезинсекцијата, како и средствата предвидени за реализација на истата таа. Во согласност со програмата, фирмата со која Град Скопје има склучени договор, во текот на една календарска година пет пати авионски и од земја врши дезинсекција против возрасни форми од комарци, како и трипати против ларви од комарци. Доколку поради временски услови се случи да има наезда на комарци, Град Скопје може да издаде налог и за дополнително вонредно прскање – информираат од Градот.
Мит или вистина – комарците преферираат одредена група луѓе
Некои од луѓето тврдат дека комарците повеќе сакаат да ги касаат нив отколку другите. Велат дека како да имаат магнет за комарци, па никако не можат да се спасат од досадните убоди.
Науката, пак, вели дека постојат повеќе фактори што влијаат на тоа дали и кого ќе касаат комарците.
Една од причините е произведувањето јаглерод диоксид, кој вообичаено го испуштаме кога дишеме. Количеството јаглерод диоксид се зголемува кога луѓето реализираат некоја физичка активност, а зголеменото количество јаглерод диоксид всушност им покажува на комарците дека во непосредна близина има човек.
Специфичните телесни мириси и потта исто така можат да бидат причина поради која некои луѓе им се омилени на комарците. Одредени состојки што ги има на човечката кожа и во потта ги привлекуваат комарците. Меѓу тие состојки се млечната киселина и амонијакот. Иако науката сѐ уште истражува зошто некои се поатрактивни за комарците од други, причини можат да бидат и генетиката, одредена бактерија на кожата или, пак, комбинација од двете.
Бојата на облеката што ја носат луѓето, исто така функционира како магнет за комарците. Науката докажала дека црната боја и другите темни бои се најпривлечни за комарците.
Обожавателите на пиво исто така се почесто жртви на комарците. Една студија направена во 2002 година за ефектите на алкохолот врз атрактивноста на луѓето за комарците вели дека лицата што пијат пиво се поатрактивни за овие досадни инсекти.
Бремените жени исто така се цел на комарците, а причина за тоа е зголемената телесна температура, бидејќи комарците сакаат топло.
*Истражувањата сѐ уште не се комплетирани и претпоставките се од досегашните добиени резултати.
Зошто комарците касаат?
Среќа во несреќа е што машките комарци не касаат, инаку на човечката мака ќе ѝ немаше крај. Касаат само женските комарци, бидејќи потребна им е крв за да продуцираат јајца. Откако женката ќе ја задоволи потребата од крв, каде што има специфични протеини што ѝ се потребни, таа може да произведе и да постави од 30 до 300 јајца одеднаш. За да произведе уште јајца, таа мора повторно да се нагости со човечка крв. Машките комарци се хранат со нектар и сокови од билките.