Фото: Игор Бансколиев

На клиниките има речиси пет илјади пациенти и две илјади вработени, а паркингот има капацитет од само 533 места и тие никако не се доволни за да ги примат сите што имаат потреба од паркирање. Дали најавената изградба на две катни гаражи ќе го реши хаосот?

Капацитетот на паркингот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ долго време е проблем. Секојдневно се случува невиден сообраќаен хаос во најголемата болница во градот, од метежот не може да поминат ниту пациентите ниту посетителите. Се случува возачите долго да кружат со своите автомобили за да може болните, неподвижни лица, да ги донесат до соодветната клиника. Во некои случаи губењето време, поради тоа што не можат да влезат со автомобил, може да ги чини живот пациентите што итаат да стигнат до Ургентниот центар, Клиниката за кардиологија или на некоја од другите клиники. Понекогаш во метежот заглавуваат и возилата на итната помош од Скопје или на оние што доаѓаат од другите градови.

Неможноста бргу да се стигне до клиниките и да се паркира внатре во кругот на болницата е проблем за граѓаните. Ваквата состојба, која трае веќе подолго време, ги прави нервозни возачите, посетителите, но и вработените што носат пациенти во колички. Како што велат граѓаните, од паркирани возила и од илјадници автомобили што влегуваат и излегуваат секојдневно нема игла каде да се фрли. На клиниките можеби има над пет илјади пациенти и две илјади вработени, а паркингот со кој управува ЈП „Градски паркинг“ има капацитет од 533 места и тие никако не се доволни за да ги примат сите што имаат потреба за паркирање. Со паркингот во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ стопанисува ЈП „Градски паркинг“. Цената за паркирање е 25 денари од час.

– Кога и да треба да отидам не се поминува ниту пеш, а камоли со автомобил. Нема каде да се паркира, бидејќи паркингот уште наутро е преполн. Имало многу ситуации кога сум морала да влезам со автомобил и минута порано да се најдам пред Клиниката за кардиологија за да го спасам татко ми. Секогаш за мене тоа било моја внатрешна борба и надвор борба со метежот од автомобили, во кои лесно може да се заглави – вели повозрасна скопјанка.

Идејата да се најде решение за паркирањето со изградба на катна гаража сѐ уште не може да се реализира, бидејќи на првичната јавна набавка не се пријавил никој, па целата постапка, како што претходно јавно кажа министерот Венко Филипче, ќе биде повторена овој месец. Поништениот тендер требаше да обезбеди проект за изградба на монтажна гаража од челична конструкција на локацијата на одамна срушената Клиника за гинекологија. Ова решение нудеше 1.800 паркинг-места.
На прашањето како да се реши хаосот на Клиничкиот центар, од градот Скопје посочија дека решение ќе се најде преку предлог-одлуката на Владата за почнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во самиот комплекс.

– На 135-та редовна седница на Владата на РСМ, е усвоена предлог-одлуката за почнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“ – велат од градот Скопје.
Од Министерството за здравство, пак, најавуваат повторување на постапката за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на планираните катни гаражи.

– Министерството за здравство планира во најбрз можен рок да ја повтори постапката за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на катни гаражи во кругот на клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, со доставување информација до Владата, по претходна повторена анализа на условите што веќе беа објавени. По донесувањето oдлука за почнување постапка, Министерството за здравство ќе објави оглас за јавна набавка, поточно технички дијалог со тендерски услови. Ги охрабруваме сите економски оператори да учествуваат во текот на техничкиот дијалог, со свои забелешки и предлози по што комисијата соодветно ќе одговори, а со намера јавната набавка да биде реализирана успешно, со што би се решил долгогодишниот проблем со недостиг од паркинг-простор во клиничкиот комплекс – нагласуваат од Министерството за здравство.

Во рамките на своите надлежности велат дека се во тесна соработка со сите надлежни институции – општината Центар, градот Скопје, ЈП „Градски паркинг“ Скопје, Секторот за сообраќај при МВР и другите, за да се овозможат подобри услови за корисниците и вработените во кругот на клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“. До денот на создавањето на тие услови граѓаните ќе мораат да се стрпат и да се снаоѓаат во хаосот.


И крводарителите плаќаат за паркинг

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ често го посетуваат и крводарителите, кои доаѓаат да даруваат крв и да спасат нечиј живот. Некои од нив неодамна се пожалија дека тоа не ги амнестира од обврската да платат за паркинг и покрај тоа што би требало да бидат ослободени. Зошто не се ослободени од плаќање побаравме одговор од ЈП „Градски паркинг“, но не добивме никакво образложение.
– Веќе подолго време добиваме поплаки од нашите членови, и од крводарителите воопшто, дека практиката за уважување на потврдата за дарувана крв не важи за ослободување од плаќање паркинг во рамките на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Дали одговорните лица не можат да го разберат моментот дека некој човек запалил сопствено возило, дошол во болница и дал дел од себе за да спаси нечиј живот? До толку ли се оперирани од разум и совест одговорните лица, кои донесуваат одлуки за ваквите работи? Дали до толку им дошло до тие 20-75 денари, кои мораат да ги наплатат од секој крводарител на секои три месеци, или на секоја крводарителка на секои четири месеци? – неодамна праша Дамир Смајловиќ, претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството „Крводарител Скопје“.