Обновената спомен-плоча на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза во центарот на Скопје, свечено беше откриена на манифестацијата „Денови на Св.Мајка Тереза“, што се одржа денеска на плоштадот Македонија, по повод 110- годишнината од нејзиното раѓање.
– Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост, на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните и сиромашните и не толку среќните во животот. Пред оваа спомен плоча која ги симболизира темелите на родната куќа на оваа светски почитувана Албанка, сакам да го изразам и споделам чувството на искрена гордост што сум дел од овој собир – рече претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето.
Во рамки на манифестацијата беше промовирана и книгата „Од Гонџа Бојаџиу до Мајка Тереза – Сага за животот на Албанците католици од Скопје“, во која според директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани, е претставен животот на Мајка Тереза во нејзиното Скопје, како и во Калкута, Индија.