НЕУПОТРЕБЛИВИ АВТОМОБИЛИ И ПРИКОЛКИ
БЛОКИРААТ ТРОТОАРИ И УЛИЦИ
Како што соопшти градоначалникот на Општината, Висар Ганиу, општинските инспектори пред две недели почнале со акција на обележување на ваквите возила со жолти налепници. Со нив се предупредуваат возачите да ги тргнат возилата, по што Општината ќе преземе други механизми за нивна дислокација од јавните површини
Кога автомобилот ќе се расипе или, пак, кога сопствениците немаат гаража каде да ги сместат неупотребливите возила, најчесто тие се одлучуваат за варијантата таквите превозни средства да ги остават на тротоарите и на локации што не се наменети за тоа. Таква е сликата и во општината Чаир, каде што неисправни возила се оставаат на зелени површини, на пешачки зони и на тротоари, а со тоа не само што го блокираат движењето на пешаците, автомобилите и на велосипедистите туку и ја загадуваат животната средина.
ЖОЛТИ НАЛЕПНИЦИ ЗА НЕУПОТРЕБЛИВИТЕ ВОЗИЛА
Општинските власти на Чаир им објавија војна на граѓаните што ги оставиле своите хаварисани возила на територија на општината. Насекаде каде што се паркирани таквите возила, Општината ќе им лепи жолти налепници за да ги предупреди сопствениците дека треба да го тргнат неисправното возило.
Како што соопшти градоначалникот на Општината, Висар Ганиу, општинските инспектори пред две недели започнале со акција на обележување на ваквите возила со жолти налепници. Со нив се предупредуваат возачите да ги тргнат возилата, по што Општината ќе преземе други механизми за нивна дислокација од јавните површини.
– Во координација со ЈП „Шкупи Вјетр“ започнавме со реализација на постапката за отстранување на напуштените и хаварисани моторни возила, приколки и слично од јавните простории на територијата на Општина Чаир. Ангажираниот работен тим и општинските инспектори во согласност со одобрената регулатива за ова прашање ги поставија предупредувањата на возилата што се предмет на акцијата, давајќи рок од осум дена за нивно отстранување од страна на самите сопственици. По истекот на овој предвиден рок, ќе следуваат други механизми за отстранување на овие возила од јавните простории во согласност со регулативата од страна на нашите служби до нивното целосно отстранување – информира тој.
РИЗИК ЗА ЖИТЕЛИТЕ
За чаирчани овој чекор е добредојден, бидејќи проблемот со ваквите возила е голем за нив, особено затоа што имаат мали деца што играат во близина на возилата, а голем дел од нив се ‘рѓосани, па претставуваат опасност за децата.
– Децата секогаш ќе играат таму каде што не смеат да го прават тоа. Нам како возрасни ни е обврска да им обезбедиме безбедна околина, каде што тие својата игра ќе ја реализираат без опасност по својот живот. Овие возила што се оставени да скапуваат на улиците треба да се дислоцираат за да не ни предизвикуваат проблеми. Не е само здравјето на нашите деца. Од нив истекува моторно масло, некои се со распаднати гуми, кои сега на топлово се топат на асфалтот, други, пак, се користат како контејнери од несовесни граѓани, па ѓубрето стои и скапува внатре, ширејќи неподнослива реа. Сега, како што растат температурите на воздухот, тоа навистина не се издржува, особено затоа што ние како жители немаме никаква можност да ги дислоцираме – вели Самра, жителка на Чаир.
Жителите го поздравуваат проектот, велат дека ред мора да се стави и дека истиот тој треба да се почитува.
– И онака имаме доста голем проблем со паркирањето на возилата. Наместо да скапуваат таквите возила на улица, сопствениците треба да ги однесат во отпадите и со тоа да ни го отворат просторот нам, за да имаме повеќе слободни паркинг-места – вели Ангела Трајковска.
ЖИТЕЛИТЕ ОДГОВОРИЈА НА ПОВИКОТ
Откако беа залепени жолти предупредувачки налепници на возилата и приколките што се неисправни и беа оставени да ги блокираат улиците, дури 54 возила беа дислоцирани од јавните површини.
Сепак има и такви што го игнорираа повикот на Општината.
– Со акцијата ќе се отстранат преостанатите 21 хаварисано возило, кои ќе подлежат на понатамошните процедури, во согласност со Правилникот, каде што како последен чекор по истекот на 30 дена непријавување од страна на сопственикот на возилото е уништување на истото тоа, на посебна локација – велат од општината.
Оттаму им се заблагодаруваат на жителите што одговорија на повикот и сами ги отстранија возилата.