Општина Центар ја доби правната битка во предметот заради кој во јули 2018 година дојде до блокирање на сметката на општината. Сега, врз основа на Решението од Врховниот суд на РМ, АД Пелагонија Гостивар треба да го врати целиот износ од вкупно 94.482.306 денари, информираат од општина Центар.
На денешната прес-конференција градоначалникот на Центар Саша Богданович извести дека поради суштествени повреди на постапката и погрешна примена на материјалното право, по поднесената жалба од Општина Центар на пресудата на Апелациониот Суд од 11.05.2018 година, Врховниот Суд одлучи постапката помеѓу општината и претпријатието “Пелагонија“, која беше отворена поради стопирање на изградбата на катната гаража кај НИП Нова Македонија, да биде вратена на почеток.
-Ние имавме судски спор за надомест на материјална штета – испуштена корист во износ од 72.238.172 денари или вкупно 94.482.306 денари со законска казнена камата и трошоци. Општина Центар допрва ќе ја води битката за да докаже колку некои аргументи се на наша страна и со тоа успеавме да вратиме во општинската каса 1.5 милион евра што претходно ни беа одземени и реално и искрено не попречија во остварување на некои наши активности, изјави Богдановиќ.
Тој посочи дека средствата може да се искористат за активностите што не се завршиле во 2018, а што се префрлиле во 2019.
-Сметам дека ова е еден доказ дека навистина општинската администрација, адвокатскиот тим, правниот тим без разлика што имаше наследено многу проблеми од претходно од судски спорови успеа со максимален ангажман да се избори до крај да ги врати сите средтсва, рече Богдановиќ.