Профункционира новата веб-платформа на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, преку која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат. Ова значи дека сега сите дневни и месечни билети ќе бидат достапни и преку онлајн продажба.
– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ е првото јавно претпријатие во земјата, воопшто, кое целосно се дигитализира. Отсега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од било кој уред, на кое било место и во секое време. Дополнително, на новата веб-платформа преку чет, граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања и слично – изјави Васко Кичевски, директор на „ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Корисниците ќе треба да креираат сопствен профил на веб-сајтот на ПОЦ и потоа по електронски пат да си склучуваат и продолжуваат договори. Услугите се однесуваат на повеќемесечен билет, дневна паркинг-карта, склучување договор, дополнување м-карта или најавување гости.