Во противпожарната станица во Автокоманда беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарството. Свеченоста почна со постројување на скопските пожарникари, а командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, на градоначалникот Петре Шилегов му поднесе рапорт.
Шилегов, во свое лично име и во името на граѓаните на Скопје им се заблагодари на пожарникарите за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат вршејќи ја оваа благородна професија.
-Градот Скопје вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури- истакна скопскиот градоначалник додавајќи дека тоа е само дел од опремата која е потребна за современа пожарникарска бригада.
Шилегов нагласи и дека бригадата за противпожарна заштита од оваа година е побогата за нови 20 пожарникари, а предвидени се и дополнителни 50-тина вработувања. Тој рече дека заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за Скопје.
-Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет и без вас оваа хумана мисија би била невозможна. Продолжете да бидете наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот- им порача градоначалникот на пожарникарите.