Во општината Бутел велат дека засега немаат предвидено субвенционирање фасади, покриви и лифтови, а од Чаир накратко образложуваат дека ваквиот вид субвенции му ги препуштаат на градот. И Ѓорче Петров не субвенционира купување велосипеди, електрични тротинети и расипани лифтови, но има проект „Енергетски ефикасни згради“, во соработка со невладината „Хабитат“. Ваков проект реализира и општината Кисела Вода
Карпош една од општините со најзагаден воздух ќе се справува со проблемот и преку субвенционирање проекти за почиста животна средина, односно преку промоција на алтернативен транспорт. И годинава повторно ќе има субвенции за карпошани за купување велосипеди и електрични тротинети, но и за енергетски фасади и за поправка на лифтови. Инаку, Карпош трета година по ред субвенционира купување велосипеди. Субвенции за поправка на покриви и неисправни лифтови минатата година имаше и општината Центар, 30 отсто од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари за реконструкција на постојните покривни конструкции и не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективните станбени згради. И општината Гази Баба субвенционира реконструкција на покриви и реконструкција и поставување нови лифтови. Преку последниот јавен повик, овозможена е финансиска поддршка до 800.000 денари за реконструкција на покриви и до 500.000 денари за поставување нов лифт и реконструкција на лифтови. Субвенции за велосипеди, електрични тротинети и поправка на фасади, покриви и лифтови би биле добредојдени и за граѓаните од другите скопски општини. Во општината Бутел велат дека засега немаат предвидено субвенционирање во фасади, покриви и лифтови, но дека минатото лето давале субвенции само за купување велосипеди. Од Чаир накратко образложија дека ваквиот вид субвенционирање му го препуштаат на градот Скопје. Општината Ѓорче Петров не субвенционира купување велосипеди, електрични тротинети и расипани лифтови, но има проект „Енергетски ефикасни згради“, кој опфаќа поддршка во инвестиции во колективни станбени згради за промена на фасада и покрив на зграда. Субвенционираат 30 отсто од вкупната инвестиција во соработка со „Хабитат Македонија“. Проектот сѐ уште е активен и во тек.
Минатиот понеделник во Карпош започна субвенционирањето за нови велосипеди и електрични тротинети за граѓаните на општината Карпош.
– Aкцијата за субвенционирање велосипеди и електрични тротинети почна на 3 февруари 2020, минатиот понеделник. Досега се субвенционирани 21 велосипед, додека граѓаните пријавиле документи за 11 електрични тротинети. Субвенцијата ќе изнесува 30 отсто од вредноста на велосипедот, но најмногу до 3.000 денари, додека кај електричните тротинети таа ќе изнесува 30 отсто од вредноста, но најмногу до 5.000 денари. Вкупно 500.000 денари од буџетот на општината Карпош се издвоени за оваа акција, а таа ќе трае додека не се исцрпат средствата, по принципот „прв дојден – прв услужен“. Во однос на акцијата за замена на покриви и стари лифтови, наскоро ќе биде објавен огласот. Локалната самоуправа нема евидентирано колку згради се со стари лифтови на нејзината територија – објаснуваат од Одделението за односи со јавноста при општината Карпош.
Освен за велосипеди и електрични тротинети, советници на општината Карпош на последната седница одлучија општината да субвенционира и проекти за енергетска ефикасност на станбени згради, а овие проекти ќе бидат реализирани во партнерство со заедниците на станари. Условите што треба да ги исполнуваат станарите за да аплицираат за енергетски ефикасни фасади се: станбените згради за колективно домување да бидат постари од 25 години и заедницата на сопственици да има донесено одлука дека сопствениците на посебните делови се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за да се изработи енергетски ефикасна фасада. Исто така, заедницата на сопственици треба да има донесено одлука за избор на најповолна понуда за изведувач за да се изработи енергетски ефикасна фасада, како и да има донесено одлука за избор на најповолна понуда за надзор на изведбата, за да се изработи енергетски ефикасна фасада. За проектот за енергетски ефикасни фасади на објектите за колективно домување на својата територија општината Карпош има издвоено три милиони денари. Ќе субвенционира со 30 отсто, но не повеќе од 600 илјади денари од сумата на вкупната инвестиција. За промена на покривите на старите згради, односно нивна замена со енергетски ефикасни покриви ќе субвенционира 30 отсто, но не повеќе од 150.000 денари од санацијата. За поправка на лифтовите општината издвои еден милион денари.
Заинтересираните станари ќе добијат општинска помош во висина од 30 отсто, но не повеќе од 200.000 денари од вкупниот износ на вредноста на овие зафати.