Зимската служба на град Скопје за претстојната сезона има обезбедено 4.000 тони сол. Од Градот Скопје информираат дека заедно со преостанатите количества од минатата сезона вкупно на располагање на зимската служба и се 4.500 тони за зимско одржување на улиците. Покрај ова, обезбедени се и 300 тони ладен асфалт.
Од денеска стартува и зимската служба на Град Скопје, а Градот ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони од фирмата „Аполо“. Носител на активностите за зимското одржување на улиците ќе биде јавното претпријатие „Улици и патишта“.
– Коловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот кон стопански објекти – наведуваат во соопштението.
Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамки на Програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни потпрограми за расчистување на јавни површини во зимски услови.
Кризниот штаб, посебно апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, благовремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни.
Апелираат до возачите да ја почитуваат законската регулатива за задолжително користење зимски пневматици, со што ќе придонесат во организирањето на оптималната безбедност на сообраќајот во зимски услови.
Расчистувањето на сервисните улици е во надлежност на општините.
Зимската сезона почнува денеска, а завршува на 15 март 2019 година.