Планот опфаќа површина од 8,51 хектари во градската четврт нова железничка станица. Се предвидува изградба на нови станбени и деловни објекти, зелени површини и единици за здравство и социјална заштита. Планот беше на јавна презентација во општината Центар. Ќе следува и јавна анкета во Аеродром
Завршија јавната презентација и анкетата за деталниот урбанистички план градска четврт И09 – нова железничка станица во делот за општината Центар. Бидејќи планот опфаќа и дел за Аеродром и за него допрва ќе следуваат јавна презентација и анкета. Центарци веќе ги дадоа своите забелешки, барем оние што го видоа планот и сега им останува на надлежните да ги сумираат, анализираат и евентуално да ги вградат во предвидениот план. Планот опфаќа површина од 8,51 хектари во градската четврт нова железничка станица. Се предвидува изградба на нови станбени и деловни објекти, зелени површини и единици за здравствена и социјална заштита. Притоа, во делот на општината Центар планот предвидува инфраструктура и станбени згради, а во делот на општината Аеродром големи трговски единици и единици за здравствена и социјална заштита, а истиот тој предвидува и паркови и зеленило на територијата на двете општини.
Конечниот предлог-план по деталниот урбанистички план градска четврт И09 за новоформираната градска четврт беше на јавна презентација во просториите на општината Центар. Граѓаните можеа да видат и кои се границите на опфатот. Северната граница се движи по оската на булеварот Кузман Јосифовски-Питу, на југоисток границата оди по должината на улицата Борис Кидрич. Југозападната границата се движи по оската на Третата македонска бригада и на северозапад по крајната линија на улицата Никола Карев, која оди во иста линија со Железничката станица и Маџир Маало.
– Со планот се предвидени нова инфраструктура и нови станбени објекти за колективно домување, односно згради. Предвиденото зеленило во рамките на ДУП-от е во обем што би бил можен со постојната состојба, односно таканареченото парковско и заштитно зеленило. На ова место е предвидена изградба на шест објекти со катност П+7, со исклучок на постојниот објект, кој е со катност П+4. Станува збор за објекти за колективно живеење со приземје и плус седум ката во висина, иако според генералниот урбанистички план општината можеше да дозволи П+12, приземје плус дванаесет ката, но одлучивме дека се доволно седум ката. Постојната зграда на тој дел е П+4, приземје плус четири ката, објект на кој му дадовме да се направи доградба. Објектите се блоковски решени – објаснуваат од општината Центар.
Оттаму додаваат дека јавната анкета на планот И09 за општината Центар заврши заклучно со 27.2.2019 година. По сумирањето на сите забелешки што ги доставиле граѓаните, истите тие ќе се анализираат, сумираат и евентуално – ќе се вметнат во идниот план.
Од општината Аеродром сѐ уште не ја завршиле јавната анкета за својот дел и тоа допрва ќе го направат. Неофицијално дознаваме дека повеќето од забелешките на овој план се однесуваат на делот за Аеродром, бидејќи таму се предвидени комерцијални објекти, куќи, згради и хостели. Какви ќе бидат забелешките на аеродромци ќе се знае откако делот за Аеродром ќе ја помине јавната презентација.
– Овој план е заеднички со општината Центар. Делот од Центар беше ставен на јавен увид, а делот што се однесува на Аеродром ќе биде ставен на јавен увид набрзо кога на увид ќе бидат презентирани сите детали од страна на стручното лице – планерот, за што јавноста ќе биде навремено информирана – ни одговорија од општината Аеродром.
Досега само за мал дел од опфатот на овој план постоела планска документација, бидејќи со генералниот урбанистички план на градот Скопје од 2002 година овој опфат бил третиран како зона со намена на површини за сообраќај и врски. Со генералниот урбанистички план од 2012 година овој опфат ја менува намената и се формира градска четврт И09 – нова железничка станица.