Објектот на детската градинка „Темјанушка“ во скопската населба Автокоманда доби нови прозорци, со што се подобри неговата енергетска ефикасност. Замената на прозорците е реализирана преку програмата на Владата за намалување на загадувањето на воздухот.
– Како сериозна локална власт што работи во интерес на граѓаните, овој период додека детските градинки привремено се затворени го користиме за реконструкција и подобрување на условите во кои престојуваат нашите дечиња. Задоволство ми е што заедно со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули означуваме успешен крај на проектот за замена на прозорците во градинката „Темјанушка“ во Автокоманда.
Овој проект е втор што го реализираме од владината програма за намалување на загадувањето на воздухот во делот за енергетска ефикасност – вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
Градинката „Темјанушка“ е еден од најстарите објекти во општината Гази Баба и на објектот навистина му е потребна реконструкција. Надлежните најавуваат дека, покрај замената на прозорците во оваа градинка, во следниот период ќе следува реконструкција на подот и варосување на објектот. Исто така ќе следува реконструкција на санитариите, како и уредување на дворот.
– Благодарен сум што Општина Гази Баба има голема поддршка од Владата за решавање на проблемите во општината и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Нашата заедничка соработка продолжува со реализација на другите проекти што веќе се започнати или планирани – додава градоначалникот Георгиевски.