Посета на домот за стари лица „Мајка Тереза“ во пресрет на празниците
Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ и издавачката куќа „Македоника литера“, во пресрет на празниците им подарија книги на станарите кои престојуваат во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани. Раководителот Дејан Петров, заедно со дел од штитениците кои добија книги, ни раскажаа за животот во домот, нивното секојдневие, и за љубовта кон книгата и пишаниот збор.
– Книгата е најдобриот пријател за старите лица во домот, што помага во разбивањето на секојдневието и монотонијата. Очекуваме во најскоро време да изградиме катче на книгата, каде што ќе имаме и библиотекар кој ќе се грижи за книгите. Добивме донации од неколку библиотеки, меѓу кои „Страшо Пинџур“ и „Браќа Миладиновци“, и очекуваме голем број на донации и во иднина, со цел за формирање на библиотеката, која ја планираме во 2021 година – изјави Петров.
Станарите кои престојуваат во домот велат дека времето го поминуваат во читање и дружење.
– Времето го поминувам со читање и плетење. Учествувам и во литературната секција, пишувам поезија и ја издадов мојата прва стихозбирка на 83 години, со што многу се гордеам. Одвај чекам да почнам да работам во библиотеката – изјави поетесата Мирослава Богатинова, која почнала да пишува на 78-годишна возраст, односно кога дошла во домот.
Лилјана Синадиновска, пак, добила идеја за подарување на книги на внуците, кога сфатила дека станарите во домот нема да бидат во можност да излезат и да им купат подароци на најблиските, поради пандемијата. Внуците сега ќе можат да добијат на подарок книги од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ на „Македоника литера“, кои беа подарени во рамки на денешната посета.
– Сакавме да им подариме книги за празниците и на нашите внучиња, но не бевме во можност да го сториме тоа поради ситуацијата. Мојата внука, која има шест години, сака да чита и да црта, така што многу ќе се израдува на книгите, а кога ќе ја видам следен пат ќе ѝ прераскажувам приказни кои сум ги прочитала – вели Синадиновска.
И таа, исто како и Богатинова, со нетрпение чека да се опреми библиотеката, во која вели дека ќе уживаат и оние кои во иднина ќе престојуваат во него. В.Т.