„Сите сити“, систем за донирање и дистрибуција на храна до граѓаните на кои им е потребна беше промовиран денеска во Скопје. Системот за почеток ќе функционира во главниот град и преку 14 граѓански организации ќе опслужува најмалку 1.000 лица со по два оброка дневно, со план од наредната година да се прошири и во другите градови.
– Секој од нас може да направи нешто навидум мало да го спречи гладот, а сите заедно да направиме многу голема промена. Промена мора да има. Четиристотини и педесет илјади граѓани не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, а од друга страна илјадници тони безбедна храна завршува на отпад и депонии – рече на денешната прес-конференција Блаже Јосифовски.
За да функционира системот, додаде, развиена е транспортна и дистрибуциска мрежа, во зависност од видот на храната и потребата на корисниците, разиена е веб платформа за поврзување на бизнисите и донаторите со граѓанските организации за видот на храната количините и кога можат да бидат преземани, кампања за подигнување на свеста, но и исто така, закон за донирање вишок храна
Главни донатори ќе бидат производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти и пекарниците.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада, чија земја преку СИДА дава поддршка за овој систем, истакна дека еден од поголемите предизвици за Македонија е како да се надмине проблемот со недостиг на храна.
Апелираше во функционирањето на системот да се вклучуваат и други субјекти од оние кои сега се во него, со цел, како што рече, да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна.
Амбасадорот на САД Џес Бејли, истакна дека со овој проблем не се соочува само Македонија, туку и другите земји, посочувајќи притоа дека секој осми граѓани на САД нема пристап до доволно храна.
– Работевме многу да направиме законски основи и изградба на систем за да се зголеми пристапот на граѓаните до квалитетна храна – посочи Бејли.
Ваквата програма, според него, е добар пример како може да се работи заедно – граѓанскиот сектор, бизнисите и владата за подобрување на состојбата на граѓаните.