Град Скопје од 16. до 22. септември со програма која опфаќа содржини за граѓаните од сите возрасти, и годинава ќе ја одбележи Европската недела на мобилност.
Европската недела на мобилност има за цел да ги активира градските власти и институциите да размислуваат, планираат и работат што повеќе да се користи алтернативен, еколошки транспорт, а во исто време да се подигне јавната свест за придобивките од пешачењето и движењето.
Како што информираат од Град Скопје, наредните денови ќе се организираат работилници и трибини на кои меѓудругото ќе се зборува за придобивките од пешачењето и возењето велосипед, за електричните тротинети и за влијанието на транспортот врз климатските промени.
Со одржлива туристичка тура до Матка ќе се промовира комбинираниот превоз до рекреативните центри.
Попладне во четврток (19. септември) улицата Димитрија Чуповски ќе биде затворена за сообраќај, а на коловозот ќе се организира „Вело фиеста“ – дружење и забава за граѓаните.
Традиционалното велосипедско дефиле по градските улици е закажано за во петок (20. септември).
Активностите на Европската недела на мобилност 2019 се организираат под мотото „Пешачи со нас“.
Целокупната програма на активностите од Европската недела на мобилност 2019 може да ја погледнете на следниов линк.
Партнер на Градот Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар“, а во организирањето на активностите ќе учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, неколку скопски општини, средните училишта и центрите на култура на Град Скопје, GIZ, Црвен крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонска велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други.