А според сегашните прописи за безбедност на сообраќајот на патиштата, оние што возат тротинети спаѓаат во категоријата пешаци. Тука, всушност, е и парадоксот кога станува збор за електричните тротинети. Се третираат како пешаци, а возат со 40 км на час и се среќаваат среде булеварите
По почетокот на субвенциите за електрични тротинети од страна на градските власти, може да се забележи зголемената употребата на овие превозни средства. И додека градот ги промовира и субвенционира, Министерството за внатрешни работи мисли дека нивниот статус како учесници во сообраќајот треба да се дефинира. Со проблемите што извираат од употребата на електричните тротинети во сообраќајот други градови и држави одамна се справуваат, а кај нас ова прашање треба допрва да се регулира.
Во октомври 2018 година беа овозможени првите субвенции за електрични тротинети од страна на градот Скопје. Оттогаш па досега, може да се забележи зголеменото присуство на електричните тротинети во градот. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во неколку наврати промовираше вакви урбани превозни средства, тој и лично знаеше да се повози со нив. Градот Скопје со промоциите и субвенциите отворено се заложува за ваквите урбани средства на превоз со кои, секако, се намалува и загадувањето на воздухот. Според информациите од градските власти, само претходната година 109 граѓани добиле субвенции за набавка на електрични тротинети.
Користењето електрични тротинети претставува еден од алтернативните начини на транспорт и истите тие имаат голем број бенефиции. Тие се еколошки и не го загадуваат воздухот, а придонесуваат и за намалување на сообраќајниот метеж. И сообраќајните експерти се согласуваат со бенефициите од овие превозни средства, но исто така напоменуваат дека имаат и одредени негативни страни, пред сѐ од аспект на безбедноста во сообраќајот. Професорот од Факултетот за безбедност, Борис Мурговски, вели дека треба да се следат сознанијата и искуствата од другите земји, и наедно компаративно да се надгледуваат и споредуваат. Засега електричните тротинети со закон сѐ уште не се опфатени.
– Со оглед дека појавата, односно учеството на електричните тротинети во сообраќајот стана зачестена појава по сообраќајниците, а имајќи предвид дека овој вид превозно средство не е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, бр.226/2015, бр.55/2016, бр.11/2018 и бр.83/2018), Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а сѐ со една цела, нормативно регулирање и воспоставување стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот – велат од МВР.
Во сообраќајот постојат групи учесници што се позагрозени од другите. Пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и малите деца се најзагрозените групи во сообраќајот. Една од причините овие категории учесници да претставуваат загрозени група е тоа што се недоволно заштитени. За разлика од нив, при сообраќајка возачот е заштитен од возилото со кое управува. Статистиката покажува дека пешаците се една од најзагрозените и најранливи групи учесници во сообраќајот. А според сегашниот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, оние што возат тротинети спаѓаат во категоријата пешаци. Ова укажува на потребата за измена на моменталниот закон за безбедност на сообраќајот бидејќи електричните тротинети, кои развиваат брзина и над 40 километри на час, воопшто не се и не можат да се водат како пешаци. Од друга страна, главните тешкотии што извираат при нивното користење се нејаснотиите во нивната класификација и регулација во законот. Електричните тротинети работат бесшумно, а можат да развијат по 30, 40 километри на час. Притоа е нејасно и каде сметаат да возат, дали се за на тротоари, пешачки и велосипедски патеки или за на коловозна лента. Досегашните искуства, барем кај нас, покажуваат дека може да се сретнат секаде од споменатите места, а често возат и по средина на фреквентните и големи сообраќајници. Тука, всушност, е и парадоксот. Се третираат како пешаци, а возат и се среќаваат среде булеварите.
Како е регулирана употребата на електричните тротинети во светот
И додека кај нас моментално е вака, во другите земји нивната употреба е прецизно пропишана. Во Англија, на пример, електричните тротинети се забранети на јавните патишта веќе 30 години според нивниот закон. А од друга страна, се зголемува и притисокот кон Владата за барање алтернативи позелени, почисти и поевтини начини на транспорт. Кај нив овие уреди се нарекуваат електрични скутери или тротинети. Тие се класифицирани како персонални лесни електрични возила или ПЛЕВ. Сепак, законски таму може да се користат само на приватно земјиште и имот. Електричниот тротинет не може да се вози на коловозна лента поради неколку причини. Агенцијата за лиценцирање возачи и возила на Англија бара електрични возила да се регистрираат и да се оданочат за да го користат патот. Сепак, бидејќи електричните тротинети спаѓаат во категоријата ПЛЕВ, нивната моќ и максимална брзина не ги постигнува минималните вредности за да можат да се користи на јавните патишта во Велика Британија. Ова правило исто така важи и за користењето на овие превозни средства и на тротоарите. Џеси Норман, министерот за транспорт во Англија за „Обсервер“ вели дека ќе ги разгледаат сите можности за да се најде начин да им дозволи на електричните тротинети и сличните возила да можат да се користат на патот. Во Париз е ограничена брзината на електричните тротинети.
– Ги замолувам операторите да ја ограничат брзината до 20 километри на час низ градот и до осум километри на час кога се движат на пешачки улици – вели градоначалничката на Париз, Ана Хидалго за „Д локал“. Сегашната максимална брзина со која можат да се движат електричните тротинети според законски регулативи на Париз изнесува 25 километри на час.
Но од друга страна во минатите месеци имало по илјадници електрични скутери оставени на тротоарите околу францускиот главен град кои предизвикувале разни пречки во сообраќајот.
Во други држави имаат поспецифични регулативи за електричните тротинети. Во дел од Австралија, електричните тротинети не смеат да се движат побрзо од 10 километри на час и не смеат да се движат по велосипедски патеки. Во Калифорнија, возачите мора да имаат најмалку 16 години и заштитен шлем и не смеат да ги возат на тротоарите. Во Германија може да се вози на јавни патишта и велосипедски патеки, но корисниците мора да бидат постари од 14 години.