Учебната година почна, а на скопските сообраќајници вчера имаше огромен сообраќаен метеж, колони од автомобили и нервозни возачи и пешаци. А во оваа градска сообраќајна џунгла постојано сите брзаат, многумина возат невнимателно, па статистиките бележат дека во несреќите често жртви се децата. На нив најмногу треба да се внимава, бидејќи сега почесто ќе преминуваат улици брзајќи кон училиштата. Токму ним Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата (РСБСП) им посвети кампања насловена „Одличен 5 ако внимаваш на децата во сообраќајот“.
Од РСБСП велат како што петката е цел на секој добар и успешен ученик, така за нив цел е подобрување на безбедноста на децата и подобрување на сообраќајното поведениe на учесниците во сообраќајот. Кампањата ќе се реализира во наредниот период, а, како што велат, безбедноста на децата во сообраќајот е сериозен предизвик за сите современи општества и врвен приоритет и во нивната работа.
– Во таа насока, традиционално, со почетокот на секоја учебна година, советот реализира сообраќајно-превентивни активности за помалку настрадани деца во сообраќајот. Потребата да се реализираат кампањи за поголема безбедност на децата во сообраќајот, произлегува од фактот дека само во 2015 година, 9 деца на возраст до 4 години го загубија животот во сообраќајни незгоди и 13 деца на возраст од 5 до 18 години. Во 2016 година, исто така, 5 деца на возраст до 14 години и 9 деца на возраст од 15 до 19 години го загубија животот во сообраќајни незгоди. Слична е состојбата и во 2017 година, кога 4 деца на возраст до 14 години и 14 деца на возраст од 15 до 19 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи дека за период од само 3-4 години, Република Македонија губи цел еден клас деца што е ненадоместлива загуба за семејствата и за општеството во целина – соопштуваат од РСБСП.
Нивните препораки се во насока не само да се внимава на децата туку и секој родител со своето однесување во сообраќајот да се биде добар пример за своето дете и да покаже дека внимава на пешаците, дека вози со намалена брзина… Ова се всушност и некои од пораките што ќе бидат испратени во рамките на кампањата.
– Ние неколку години работиме на кампањи за заштита на децата во сообраќајот и имаме соработка и со МВР, кои одржуваат обуки. Во нашето училиште на ваква тема снимивме и реклама насловена „Нула жртви во сообраќајот“. Со напишани пораки како „Секое дете заслужува да му се радува на животот“ или „Вози внимателно ти си одговорен за своето дете“ ги вклучуваме и родителите во ваквите кампањи. Од задутре во нашево училиште ќе почне и проект со Министерството за образование и наука, во кој секое дете од трето и од четврто одделение ќе добие флуоресцентно елече и во придружба на возрасни тие ќе поминуваат преку улица. Безбедноста на децата ни е и во училишната програма. Познато е дека нашето училиште се наоѓа на три фреквентни сообраќајници, но она што го забележувам секојдневно е дека децата се тие што ги опоменуваат возрасните дека треба да одат на пешачки, а не да поминуваат на необележаните делови од коловозот кога се враќаат од Зелениот пазар – објаснува Маја Ангелова, директорка во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје.
Се поставува прашањето дали е доволно да се реализираат вакви кампањи само за децата или многу повеќе кампањи, или потребни се казни за возрасните. Можеби треба секој возач многу повеќе да внимава на својата сообраќајна култура, бидејќи навистина поразителни се податоците кога е во прашање кршењето на сообраќајните правила. Како што соопшти СВР-Скопје, викендов биле санкционирани 216 возачи, а исклучени од сообраќај 104. Од исклучените возачи 29 управувале под дејство на алкохол, 38 управувале со автомобил пред да се стекнат со право на возачка дозвола, а 30 возачи управувале нерегистрирани автомобили. Токму затоа од РСБСП апелираат за создавање систем на општествени вредности во кој сообраќајната култура, етиката, однесувањето и навиките во сообраќајот ќе заземаат значајно и високо место.
– Покрај децата, цел на РСБСП е едукација и на возрасните, односно подобрување на нивното поведение во сообраќајот кога е во прашање безбедноста на децата во сообраќајот – истакнуваат од РСБСП.
Во рамките на кампањата за поголема безбедност на децата во сообраќајот ќе бидат реализирани голем број сообраќајно-едукативни активности и настани: организација на едукативни предавања и јавни сообраќајно-едукативни настани во училиштата и градинките, изработка и дистрибуција на сообраќајно-едукативни материјали со креативна содржина, едукација преку јавните и социјалните медиуми итн. Во соработка со „Триглав осигурување“, ќе бидат обезбедени флуоресцентни елеци за поголема видливост на децата, учениците во сообраќајот.