На скопската депонија секој ден пристигнуваат по три камиони со носивост од по 20 тони, односно од тетовска претоварна станица пристигнуваат по 60 тони комунален смет. Од „Дрисла“ тврдат дека ова е занемарливо количество и нема потреба за паника, не е првпат сега да се носи ѓубрето од тетовската депонија, бидејќи и минатата година се транспортирало
Поради нерешениот проблем со тетовската депонија, од претоварна станица близу Тетово секој ден се товарат камиони со комунален отпад и се истовараат на „Дрисла“. Ова ја вознемири јавноста, која не се воздржува од коментарите дека на Скопје, кое мака мачи со загадениот воздух, навистина не му недостигаше уште и ѓубрето од други градови. Од друга страна, пак, никој не ги праша граѓаните дали тие ќе се согласат со ова и, како што велат, никој не обелодени каква е постапката и како може некој да одлучува во име на граѓаните да се носи ѓубре од регионот, само затоа што локалните самоуправи и државата со години не го решаваат проблемот со регионални депонии. Треба ли да се случат еколошки катастрофи, прашуваат граѓаните, за сериозно да се размислува за изградба на депонии според сите стандарди, кои другите земји веќе ги пропишале, па ние нема да измислиме топла вода. Од градот Скопје не ни одговорија на нашите прашања каква е процедурата за носење на ѓубрето од еден во друг град? Затоа, пак, од „Дрисла“ ни одговорија дека не им треба согласност од градот.
Екипа на „Нова Македонија“ вчера беше на „Дрисла“. На депонијата сиот смет каскадно се затрупуваше, а имаше огромен простор, за чиј капацитет на исполнување, како што ни беше речено, потребни се веројатно уште триесетина години. Во близината на депонијата беше поставена мерна станица, за која ни беше кажано дека мери загадување на воздухот, кое, според бројките, секогаш било пониско од вредностите измерени во централното градско подрачје. Презентирајќи ни го овој податок, оттаму надлежните смируваа дека не е можно воздухот да се загади од комуналниот смет, кој потоа се покрива со еден слој глина, односно земја.
На јавен оглас само „Дрисла“ ги исполнувала условите да го добие тендерот. Склучениот договор за транспорт на комуналниот отпад од тетовската депонија на „Дрисла“ повторно е на една година, а дотогаш веројатно ќе завршат сите веќе почнати постапки околу почетокот со работа на тетовската депонија
Загадувањето на воздухот не е можно ниту од чадот на печката за согорување медицински отпад, бидејќи таа има таканаречен воден филтер. Одговорните од „Дрисла“ тврдат на скопската депонија секој ден пристигнуваат по три камиони, со носивост од по 20 тони, односно од тетовската депонија пристигнуваат по 60 тони комунален смет. Тие велат дека ова е занемарливо количество. Од Скопје, пак, секојдневно се истура по 400 тони комунален смет или, како што информираа, само за викендов биле донесени 800 тони смет. Од „Дрисла“ велат дека нема потреба за паника и не е првпат сега да се носи ѓубрето од тетовската депонија, бидејќи и минатата година се транспортирало. Оттаму велат дека и оваа година на јавен оглас само „Дрисла“ ги исполнувала условите да го добие тендерот. Склучениот договор за транспорт на комуналниот отпад од тетовската депонија на „Дрисла“ повторно е на една година, а тие додаваат дека дотогаш веројатно ќе завршат сите веќе започнати постапки за старт со работа на тетовската депонија. Тогаш и ќе престане транспортот на ѓубрето од Тетово во Скопје. Екоактивистите велат склучениот договор на „Дрисла“ тежи два милиони евра и се прашуваат што ќе се направи со тие пари, бидејќи за таа сума, според некои, Тетово може да си направи сопствена депонија. Некои велат дека се во прашање само бизнис-интереси.
– Обично кога дуваат ветрови со променет правец се чувствува непријатна миризба, а таа сигурно доаѓа од „Дрисла“. Не го велам ова само јас туку и многу други соседи и жители од населбата, бидејќи ние навистина живееме близу депонијата. Сметам дека државата треба да се однесува многу поодговорно со сметот. Камионите што се упатени кон „Дрисла“ и онака го закочуваат сообраќајот, сега и овие од Тетово што доаѓаат уште повеќе – вели Гоце И., жител на населбата Драчево.
Дека од Тетово се носи ѓубре на „Дрисла“ ни потврди и првиот човек на претпријатието, кого го прашавме дали на депонијата „Дрисла“ се носи отпад од Тетово, дали „Дрисла“ – Скопје ДОО има добиено согласност од градот Скопје за прием на отпад од други градови во државата и колкаво е количеството отпад од Тетово што се носи на депонијата „Дрисла“?
– На депонијата „Дрисла“ се носи отпад од Тетово во согласност со склучен договор и врз основа на претходно објавен јавен оглас од страна на ЈКП „Тетово“. „Дрисла“ – Скопје ДОО во согласност со А-интегрираната дозвола што ја поседува нема потреба од добивање дозвола за прием на отпад од други градови на државата од страна на градот Скопје. Вкупното количество отпад што е примено од Тетово и депонирано на депонијата „Дрисла’ во 2018 година е 30.426 тони, а во 2017 година е 34.771 тон. На „Дрисла“ не се прима и депонира отпад од други градови во државата. На депонијата „Дрисла“ се прима и депонира комунален отпад само од територијата на градот Скопје и од Тетово – тврди Горан Ангелов, директор на „Дрисла“.
Инаку, Ангелов нѐ информира дека во 2018 година вкупното количество неопасен отпад комунален отпад, прехранбени стоки, технолошки отпад, индустриски неопасен отпад и градежен шут што е депонирано на депонијата „Дрисла“ е 3.611.117 тони. Во 2017 година е 3.391.368 тони неопасен депониран отпад. Исто така, во 2018 година вкупно количество согорен опасен отпад, односно медицински отпад и лекови со поминат рок во инсенераторот, е 1.008 тони, додека во 2017 година е 1.060 тони опасен согорен отпад.
Депонијата „Дрисла“ е изградена и отворена од градот Скопје во 1994 година, се наоѓа во југоисточниот дел од градот Скопје, на оддалеченост од само 14 км од центарот на градот. Се простира на површина од 76 хектари и има проектен капацитет од 26.000.000 кубни метри депониран комунален отпад. Во проектната документација е испланирано дека таа ќе биде наполнета за околу 30 години. Но во досегашната експлоатација одговорните велат дека е исполнето до 40 отсто од вкупниот капацитет, што укажува на фактот дека на располагање се уште цели 60 отсто.
Но, независно од расположливиот капацитет на скопската депонија, граѓаните не се рамнодушни на фактот да се носи ѓубре од другите градови. „Дрисла“ не може и не смее да биде депонија каде што ќе се носи отпад од цела држава.