Христијан Јосифовски
„Моја скопска приказна“ беше насловена изложбата на фотографии инспирирани од стари скопски фасади. Љубителите на добрата фотографија имаа можност да ја видат оваа поставка завчера во просториите на Музејот на современа уметност. Настанот беше во организација на „Стримон филм“ и беше исполнет со многубројни фотографии. Бројот на апликациите изнесуваше над 400. Фотографиите ја отсликуваа современоста и автентичноста на архитектурата на Скопје, која беше заборавена, маргинализирана од стилски далечни градби за нашето поднебје. Изложбата ја посети и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, кој кажа дека старите фасади на Скопје се само дел од нашето богато културно наследство што е дел и од заедничкото европско наследство и затоа заеднички треба да се негува.
Некои од говорниците ја поддржаа оваа иницијатива и напоменаа дека таа се појавува во време на излегување од процесите на девастација на општеството, која ги зафати урбанизмот и архитектурата на Скопје. Тие сметаат дека „Моја скопска приказна“ го враќа погледот на јавноста на автентичноста на градбите и објектите што го дефинираат идентитетот на градот Скопје.
– Скопје има долга и богата историја. Овие прекрасни фотографии се еден дел од материјалната и од духовната историја на Скопје. Во нив има естетски, социолошки, филозофски и најмногу егзистенцијални елементи. Доколку не се направи напор како што се прави преку оваа изложба тие фасади може еднаш засекогаш да исчезнат. Новото доаѓа како што доаѓа секаде. Моето искуство покажува дека ако не се грижиме на ваков начин ќе ги изгубиме – рече Данило Коцевски, кој беше дел од избирачкото жири.
Во состав на изложбата беа прогласени победничките фотографии од конкурсот „Моја скопска приказна“. Беше упатена благодарност на делегацијата на Европска Унија, која ја поддржа иницијативата на проектот на „Стримон филм“, кој е дел од Европската година на културно наследство 2018-та. На овој конкурсот првата награда во вредност од 500 евра ја доби Олја Заде Абас, а 300 евра доби второнаградениот Мартин Трајановски. Третото место со награда од 100 евра го доби Владимир Јаќимовски.