Генерации скопјани пораснаа со викенд-посетите на Лунапракот, а сега живеат само со спомените за возењето на вовчето, на најголемиот реквизит – панорамата и на сите други што нудеа возбуда и радост за најмладите. Но веќе неколку години Скопје нема забавен парк и веројатно нов набрзо нема да се изгради.
Уште во 2013 година од градот Скопје најавуваа дека ќе изградат нов современ лунапарк. Се навестуваше неговото отворање на почетокот на 2018 година, но на просторот од некогашниот лунапарк остана пустелија, а од нов ни трага ни глас. Кога граѓаните поминуваат покрај заградениот и ископан простор, ги исполнуваат тага и спомени за убавите детски денови. Многумина се прашуваат уште колку треба да чекаат за да го видат повторно изграден и полн со детски џагор. На поставените прашања до градот Скопје за тоа до каде е стигната работата со лунапаркот, кога се планира да се изгради и што сѐ треба да содржи новиот лунапарк, ни рекоа дека сѐ уште работат на нов концепт за него, за од наредната сезона да може да се користи.
– Градот Скопје работи на нов концепт за лунапаркот, за најмладите жители на Скопје повторно да имаат модерен, забавен парк. Најпрво треба да се изготват концептите за да се утврдат границите за тоа каков парк треба да се добие, за потоа истиот тој да се проектира и да се добијат деталните и прецизни информации и податоци. Целта на овој концепт е да се добие забавен парк, кој е проектиран со реалистични вредности и очекувања – велат од градот Скопје.
Тоа значи дека младите и постарите жителите на Скопје ќе почекаат за да се забавуваат и да уживаат во новиот забавен парк. Иницијативи за обнова на лунапаркот имаше уште во 2011 година, па во 2012 година, но на неколку наврати пропаднаа неколкуте обиди на градот да најде концесионер. Подоцна имаше иницијатива за изградба на нов лунапарк во 2013 година. Беше предвидено проектот да се реализира до 2015 година. Пресметките покажуваа дека ќе изнесува околу 8 милиони евра. Меѓутоа, во рамките на овој рок, градот не најде инвеститор, кој требаше да го осовремени постојниот лунапарк и концесионер да управува со него 30 години.
Затоа го поништи последниот тендер за избор на концесионер. Немаш заинтересираност за инвестирање во лунапаркот затоа што, според процените на концесионерите, тој проект бил на границите на рентабилност. Градот Скопје во 2015 година се откажа од јавното-приватно партнерство за лунапаркот и одлучи со сопствени средства да го гради. За реализирање на проектот и изградба на паркот беше планирано да се издвојат пари од буџетот, а проектот да биде потпомогнат од Владата. Се предвидуваше дека лунапаркот ќе се гради етапно, година по година. Првата етапа почна пролетта во 2017 година, а имаше најава дека забавниот парк ќе биде комплетен до 2018 година. Проектот требаше да чини 6.5 милини евра. Подоцна во март 2018 година изградбата и проектот за лунапаркот беше стопиран и повторно се бараше јавно-приватно партнерство. Најновиот проект за градење на лунапаркот со концесионер ќе тежи 9 милиони евра.