Шахти подигнати повеќе од нормалното ниво или пропаднати шахти под нивото на коловозот на сообраќајницата претставуваат секојдневен проблем на граѓаните на скопските улици. Ваквите шахти се сериозен сообраќаен проблем, кој може да предизвика и несакани последици за учесниците во сообраќајот. Освен што можат да предизвикаат материјална штета на автомобилите, тие можат да ги доведат во опасност и другите учесници во сообраќајот.
Дури и при обидите возачите да ги избегнат можат да предизвикаат низа проблеми со кои би го загрозиле или оневозможиле нормалниот тек на сообраќајот. Доколку не се забележат при возење, во контакт со нив може да настане нагло движење на автомобилот во одредена насока, а тоа да биде причина за предизвикување сообраќајна несреќа. Лошата нивелација и изведба на шахтите ги загрозуваат животите не само на оние што се во автомобилите туку и на сите оние што ќе се најдат во нивна непосредна близина. Уште полошо е ако преку нив поминат пешаци, а улицата е темна и неосветлена. Со оглед на тоа што во изминатиов период се вршат реконструкции на повеќе улици во градот Скопје, а наедно се вршат замена и нивелирање на шахтите, овој проблем во иднина можеби ќе се намали. Но граѓаните реагираат дека и во случај кога шахтите биле нивелирани и рамни, повторно се соочиле со нов проблем.
Интересен е примерот на жителите на улицата Антов Попов, каде што граѓаните имале проблем со неизедначени шахти. По реализираните активности минатиот месец за асфалтирање и нивелирање на шахтите на улицата сега тој проблем не постои. Жителите од оваа улица велат дека повеќе не мораат да ги избегнуваат шахтите со своите автомобили. Но сега имаат проблем со тропањето на капаците на шахтите. Улицата е во должина од околу 500 метри, а на неа има 40 шахти.
– Пред еден месец ја асфалтираа улицата. Кога работеа, работниците ни кажаа дека имаат доста работа на шахтите затоа што се многу на мал простор. Претходно една шахта беше два сантиметри погоре, друга два сантиметри подолу, па затоа кога се минуваше со автомобил требаше многу да се внимава. Искрено, за разлика од претходно, добро си ја завршија работата и шахтите се изнивелирани. Улицата е рамна, шахтите се подредени и не прават проблем на автомобилите. Но сега има проблем со тропањето на капаците на шахтите при поминување на возилата. Јас живеам тука и особено кога има метеж од автомобили звукот станува неподнослив – вели загрижена жителка.
Некои граѓани проблемот со тропањето на шахтите го решаваат на свој инвентивен начин. Поставуваат гума помеѓу капакот и рамката на шахтата. Можеби решението не изгледа естетски убаво, но им дава мирен сон, без бучава.
– Еден ден, кога шетав низ уличките зад Универзална сала, забележав шахта на која има ставено гума околу неа. Ми стана чудно зошто некој би ја поставил. Но подоцна, при разговор со пријател, ми текна дека се жалеше на сличен проблем со постојано тропање на капакот од некоја лошо поставена шахта кај него во населбата. Многу жители од зградата каде што живееше се жалеа, но на крајот ги зедоа работите во свои раце и поставија гумена постава на шахтата, за да не тропа при секое поминување на автомобил. Па, си реков, еве, и тука си нашле свое решение – вели Живко Јаневски.
Но проблемот со шахтите не завршува тука, бидејќи крадење на капаците од шахтите и натаму е актуелно. И во тој случај шахтите претставуваат опасност по животот на граѓаните, а имало и случаи кога завршиле со посериозни последици по здравјето, како скршеници на екстремитети или модринки по телото.
– Имаме случаи исто така на крадење решетки од сливници, околу 20-30 годишно. Во 2011 година беа украдени 400 вакви решетки, потоа се направи измена во законот, ова дело да биде кривично дело, загрозување на сообраќајот, по што бројката на вакви кражби значително се намали – велат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
За да се намалат ваквите случувања, доколку граѓаните забележат дека се краде или дека е украден капак од шахта на јавна површина, треба да пријават во дежурниот центар на „Водовод и канализација“, на телефонскиот број 023073 010. А доколку се работи за приклучна шахта, граѓаните треба да го пријават случајот директно во полиција, бидејќи тоа е нивен имот и нивна сопственост. Од „Водовод и канализација“ велат дека шахтите на коловозот поретко се крадат затоа што се потешки, а почесто се крадат приклучните шахти, кои се во сопственост на граѓаните. Од претпријатието нагласуваат дека сега кражбите се намалуваат затоа што поновите шахти се од композитни материјали, од кои крадците не може да заработат многу при нивна препродажба.
– Шахтите што се на улица, односно на коловоз, многу ретко се крадат, бидејќи тежат околу 100 килограми и тешко е да се отвораат. Меѓу другото се наоѓаат и среде улица. Затоа ваков вид кражби речиси и немаме. Најчесто се крадат приклучни шахти, кои се сопственост на граѓаните или куќниот совет. Исто така придонес за намалување на крадењето сливници е тоа што решетките од кои се изградени сега се направени од композитни материјали, кои не им вредат на крадците и нема откуп за нив. Најчесто случаи на кражби имаме во населбите Ченто, Ѓорче Петров и Радишани – велат од „Водовод и канализација“.