Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само на Фејсбук има десетици групи наменети за одредена населба, општина или претпријатие, формирани од страна на граѓани, настрана од оние на официјалните профили. Па така, има групи наменети за општини, населби, па и улици, каде што граѓаните секојдневно објавуваат разни проблемски ситуации за кои се надеваат дека ќе допрат до ушите на ресорните институции

Како мрежното граѓанско поврзување на интернет да се искористи во полн капацитет

Пандемијата предизвикана од коронавирусот ги промени навиките на граѓаните за многу работи, вклучувајќи ја и комуникацијата со општините, градските претпријатија и институциите. Социјалните мрежи се мостот преку кој надлежните се информираат за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, додека, пак, истите тие се најбрз и најлесен начин преку кој населението може да се пожали и да алармира за одреден проблем. Чекор плус кон комуникацијата помеѓу граѓаните и надлежните се и профилите на градоначалниците на социјалните мрежи, на кои меѓусебната комуникација помеѓу едната и другата страна е секојдневна.

СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ГЛАВЕН „опсервер“ НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ

Социјалните мрежи се првото ѕвонче на кое ѕвонат граѓаните доколку им се појави некој проблем што ги засега локалните власти во Скопје. Проблемите на големо се споделуваат во групи наменети за општините, на официјалните страници на локалната власт и претпријатијата, но и во комуникација со актуелните општински лидери и предводници на претпријатијата.
Само на Фејсбук има десетици групи наменети за одредена населба, општина или претпријатие, формирани од страна на граѓани, настрана од оние на официјалните профили. Па така, има групи наменети за општини, населби, па и улици, каде што граѓаните секојдневно објавуваат разни проблемски ситуации за кои се надеваат дека ќе допрат до ушите на ресорните институции.
Ваквите групи служат како коректор на управувањето, се користат и од страна на надлежните за успешно да менаџираат со своите сектори.
Доста често се користат и профилите на градоначалниците и официјалните страници на општините и претпријатијата, каде што во меѓусебна комуникација се информираат надлежните, но и граѓаните за активностите што следуваат.
За граѓаните ваквата комуникација е одлична бидејќи процедурата да се замине во општината, градот или соодветното претпријатие чини пари, нерви и губење време.
– Кога веќе живееме во ерата на интернетот, каде што социјалните мрежи се нашите животи, најдоброто нешто што може да произлезе од тоа е тие паметно да се искористат. Јас редовно и активно учествувам и коментирам, апелирам и информирам за сите проблеми што ме засегаат мене, моите соседи и моето населено место. Најлесен начин се социјалните мрежи, интернет-страниците, иако не до тој степен, бидејќи тука комуникацијата е сосема на друго ниво од онаа, неформалната на Фејсбук или на Инстаграм – вели Боби Стојановски.
За жителите најлесен и најевтин начин на комуникација е токму овој, преку социјалните мрежи.

ФЕЈСБУК, ИНСТАГРАМ И ИНТЕРНЕТ-СТРАНИЦИТЕ НАЈКОРИСТЕНИ ОД
ГРАЃАНИТЕ

Градските власти само ја потврдуваат општопознатата теза дека социјалните мрежи се главното место од каде што се црпат информациите за проблемите на граѓаните.
– Ваквиот тип пријави пристигнуваат на повеќе начини, најчесто преку социјалните мрежи во вид на пораки. Истите тие се најчесто за актуелни проблеми и за добивање информации за постапување околу некој комунален проблем, згрешено решение за данок на имот и сл. Овие пораки одговорните лица од Градот, доколку се во наша надлежност, ги препраќаат до соодветните сектори или јавни градски претпријатија и се постапува по нив – информираат градските власти.
Сепак, се користат и општинските интернет-страници, каде што има посебни линкови за поплаки, жалби, пофалби, идеи и други сугестии од жителите.
Од Општина Центар велат дека од нивната интернет-страница најмногу се користи географскиот информациски систем.
– Најкористена онлајн алатка на општинската веб-страна е ГИС (географскиот информациски систем). Покрај ГИС-от, се користи и системот за издавање одобренија за градење, односно е-урбанизмот и е-дозволите за градење. Граѓаните исто така ја користат и алатката за пријавување проблеми, најчесто за оштетена и украдена урбана опрема – велат од Општината.

РАСТЕ И ОНЛАЈН ПЛАЌАЊЕТО НА УСЛУГИТЕ

Факт е дека пандемијата на големо го смени начинот на живеење на граѓаните. Многумина се ориентираа обврските и давачките да ги намируваат преку своите компјутери или преку мобилните телефони, бидејќи тоа е најбрзиот начин да се платат сметките и да се избегнат метежите на шалтерите во банките, поштите и во самите претпријатија.
Според статистиката на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, повеќе од 40 илјади граѓани своите сметки за вода ги плаќаат во електронска форма, на месечно ниво.
За периодот од јануари до август, електронски се уплатени дури 335.474 сметки за вода.
Расте бројот и на граѓани што своите сметки за собирање и транспорт на комунален отпад ги плаќаат електронски.
– Според статистиката на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, опцијата за онлајн плаќање на сметките за собирање и транспорт на комунален отпад, во текот на изминатиот месец, август 2021, ја искористиле приближно 25 проценти од корисниците на услугите – информираат од претпријатието.

[email protected]