Лицата со посебни потреби ќе можат да се возат со куче придружник во автобусите на ЈСП како и во кабините на Жичарницата на Водно.
-ЈСП Скопје како општествено одговорно претпријатие одлучи да им излезе во пресрет на лицата со посебни потреби со куче придружник и да им дозволи непречено користење на нашите услуги, односно да дозволи влез на кучињата придружници во возилата на ЈСП и во кабините на Жичарницата. Одлуката е донесена со оглед на фактот дека кучињата придружници се од голема помош на посочената категорија лица, имајќи предвид дека тие им се од голема корист како дополнително помагало во извршување на секојдневните обврски и активности- соопштија од ЈСП.
Од таму ги повикуваат сите патници да се воздржат од негативни реакции доколку се доведат во ситуација да се возат со лице со куче придружник имајќи во предвид дека кучињата се безопасни по околината, тие се специјално дресирани со намена за придружба и движење на посочената категорија лица.
Претпријатието апелира и до останатите јавни институции, маркети, кина, театри, трговски центри, да донесат соодветна одлука, а со тоа автоматски да се вклучат во подигнување на јавната свест за отворени врати и слободен пристап на кучињата придружници на лицата со хендикеп.