Фото: Игор Бансколиев

Градот Скопје упатува благодарност до граѓаните што имаат разбирање и трпение, кое е неопходно за во исто време да се реконструираат толку голем број улици и булевари во различни општини. Екипите коишто работат на реконструкциите се трудат да ги изведуваат брзо, во рекордно кратки рокови, со внимателно планирање на привремените сообраќајни режими, за да се обезбедат оптимална брзина и безбедност за сите учесници во сообраќајот, велат градските власти

ГРАДОТ ЗАМОЛУВА ЗА ТРПЕНИЕ ДОДЕКА ТРААТ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ

Како и минатото, така и ова лето градските власти, како што најавија, реализираат градежен бум во главниот град. Насекаде се реконструираат улици, а високите температури, кои воопшто не е сеедно да се преживуваат на жешкиот асфалт, причинуваат големи нервози и стресови кај возачите што секојдневно мора да се движат низ град, независно дали заминуваат на работа или, пак, завршуваат некоја обврска. Сето тоа создава сообраќаен метеж, но и пцости и свирежи, а често и вербални инциденти помеѓу возачите.

НЕРВОЗНИ ВОЗАЧИ

Во стрес и нервоза возачите секојдневно заминуваат на своите работни места, поради големиот сообраќаен метеж, кој второ лето по ред му се случува на главниот град. Се чини дека воопшто се нема разбирање за градежните активности што градските власти ги реализираат за да можеме да се движиме по рамни и проширени улици.
Иако се свесни дека работите многу побрзо се одвиваат во летниот период, бидејќи воздухот е сув и асфалтната маса побрзо се суши, сепак, велат дека мачно им е секојдневно да чекаат во редици на врелиот градски асфалт.
– Јасно ми е дека работата мора да тече и дека треба да се реконструираат улиците. Знаеме и дека мора да средат улиците за да имаме непречено движење низ градот. Но понекогаш топлото предизвикува нервоза кај нас што на 40 степени сме закочени во сообраќајот. Сепак, за волја на вистината, и кога нема реконструкции, во најголемиот сообраќаен шпиц има метеж, кога сите се упатуваат на своите работни места или во домовите – вели Тони Трајановски.
Тој потенцира дека додека секојдневно се движи низ градот, се соочува со секакви возачи, од оние што нервозно притискаат на свирката, до оние што користат пцости, а често и се обидуваат да предизвикаат физичка пресметка, независно дали станува збор за некој возач или, пак, за некој од работниците.
– Понекогаш навистина е смешно кога ќе се најде некој премногу нервозен, подготвен дури и да се тепа со некој од возачите или, пак, со работниците што работат во моментот на терен. Е, токму тие се оние возачи што создаваат дополнителен хаос, бидејќи, наместо да се движат, тие го кочат сообраќајот, стојат, свират и довикуваат. Досега не се случило магично да го снема метежот ако некој свири на свирката, па навистина не знам зошто толкава пресија им прават на сите учесници во сообраќајот, но и на работниците, кои се тука само за да си го заработат парчето леб – вели тој.

ГРАДОТ ЗАМОЛУВА ЗА ТРПЕНИЕ

Град Скопје продолжува да гради со засилено темпо и ја почна летната градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и булевари. Во периодов градежни работи има на 11 локации низ градот, во неколку скопски општини.
– Градежните работи се во тек на булеварот АСНОМ, од булеварот Гоце Делчев до влезот во Ќерамидница, на должина од 300 метри; улицата Васко Карангелевски, на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада, на должина од 1.000 метри; и на раскрсницата на улицата Скупи и булеварот 8 Септември, раскрсницата на булеварот 8 Септември и булеварот Никола Карев и раскрсницата на булеварот Никола Карев и булеварот Словенија (капиталниот проект за изградба на два кружни тека, подвозници и надвозници кај Момин Поток). Се работи и на булеварот Борис Трајковски, на потегот од Пинтија до Драчево, на должина од 2.000 метри; на улицата Лука Геров, на потегот од кружниот тек кај пожарната до улицата Волковска, на должина од 1.800 метри; булеварот Киро Глигоров, од булеварот АСНОМ до булеварот Александар Македонски, на должина од 500 метри. Се работи на изградба и пробивање на улицата Есенинова, од бул. Борис Трајковски до бул. Трета македонска бригада и улицата Индира Ганди, втора фаза до обиколницата, на должина од 800 метри – информираат градските власти.

Оттаму додаваат дека во наредните денови треба да започне и реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, на потегот од булеварот Свети Климент Охридски до кружниот тек кај Католичка, на должина од 530 метри; улицата Бутелска, на потегот од улицата Александар Урдаревски до обиколницата, на должина од 850 метри; булеварот Кузман Јосифовски-Питу, на потегот од новата железничка станица до булеварот Кочо Рацин и булеварот Крсте Мисирков, на потегот од булеварот Кузман Јосифовски-Питу до булеварот Гоце Делчев, на должина од 650 метри.
Градот Скопје упатува благодарност до граѓаните што имаат разбирање и трпение, кое е неопходно за во исто време да се реконструираат толку голем број улици и булевари во различни општини. Екипите коишто работат на реконструкциите се трудат да ги изведуваат брзо, во рекордно кратки рокови, со внимателно планирање на привремените сообраќајни режими, за да се обезбедат оптимална брзина и безбедност за сите учесници во сообраќајот.
За потсетување, во текот на есенската градежна офанзива на Град Скопје, пред крајот на 2020 година, беа обновени многубројни сообраќајници во повеќе скопски општини, со посебен акцент на реконструкцијата на источниот влез во градот – велат од Градот Скопје.

[email protected]