Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако учениците се на распуст, автобусите се преполни, бидејќи е намален нивниот број. Затоа се чека и подолго. Граѓаните реагираат нервозно

Преполни автобуси со патници секој ден. Ваков е скопскиот јавен превоз, откако заврши учебната година и Јавното сообраќајно претпријатие вози со редуциран број возила и со летен возен ред. Од претпријатието велат ова не е новина, таквиот распоред на автобуси се практикува со децении. Но веројатно и тука е проблемот, бидејќи градот не стои во место, велат граѓаните, и бројот на жители расте, па оттаму и турканиците во автобусите. Само по неколку станици возилата се полни, а веќе на наредните станици патниците не можат да влезат и остануваат да го чекаат наредниот автобус. Не е подобра ситуацијата ниту во следниот автобус. И тој, како претходниот, е преполн. Ваквата слика е секојдневна, а не само во деновите кога пензионерите се возат бесплатно.
Друг проблем е што во најголем број од возилата или не функционираат климите или, пак, возачите не сакаат да ги вклучат, за да трошат помалку гориво. Оние што го користат јавниот градски превоз се револтирани, најмногу поради тоа што на претпријатието однапред му ги плаќаат возните билети, а добиваат лоша услуга. И не само тоа, секојдневно се доведени во ситуација да стравуваат дали ќе влезат во преполниот автобус или ќе го чекаат наредниот, па ќе доцнат на работа. Ова не се случува само на градските линии, туку е проблем и за оние што секојдневно ги користат приградските автобуси. Во целата таа агонија со јавниот превоз, велат, се случува и некој од автобусите да се расипе, а тогаш кошмарот е уште поголем.
За разлика од граѓаните, надлежните од ЈСП тврдат дека прават снимања на теренот каква е објективната состојба и сметаат дека има доволно автобуси за да се опслужат патниците.

– Бројот на автобуси во летниот период е во согласност со одлуката за линиски превоз во градот Скопје, а која се базира на фактот на намалена мобилност на население/патници поради годишни одмори, училиштен распуст и слично. Летниот возен ред не е направен паушално, туку врз основа на снимање на теренот каде што предвид се земаат повеќе фактори, како мобилноста на патниците во одредена зона, бројот на превезени патници од точка А до точка Б и слично. Летниот возен ред, кој е редуциран во однос на вообичаениот, не е новина, тој е стар со децении и е практика не само во Скопје, туку речиси во сите поголеми градови во светот – велат од ЈСП.
А граѓаните, пак, кои секојдневно се туркаат во автобусите, тврдат нешто сосема друго. Не само што нема автобуси туку не работат климите во некои од возилата, па престојувањето во нив е вистинско измачување. Ако продолжи ова и во периодот кога следуваат уште повисоки надворешни температури, некои велат дека ќе се откажат од јавниот превоз, кој толку многу градот го препорачува да се користи.

– Откако заврши учебната година и учениците заминаа на распуст, невозможно е да се влезе во автобусите, преполни се. Како наутро да се стигне на работа ако не можете да влезете во автобусот, кој откако ќе ви ги отвори вратите на постојката ќе видите дека нема игла каде да се фрли. Така е и во попладневните часови. Уште полошо е во деновите кога пензионерите имаат право на бесплатно возење. Секое утро чекам „57“ спроти старите општински бараки, а кога автобусот ќе пристигне, веќе е полн. На следните станици оние што чекаат веќе нема каде да влезат, па нервозно реагираат однадвор, прашуваат гласно како да стигнат на работа. Од ЈСП прво треба да ја согледаат состојбата на терен, а потоа да го менуваат возниот ред и да го намалуваат бројот на возилата. Ако учениците се на распуст, ние сме на работа – вели револтирана редовна патничка.

Граѓаните сведочат дека не е така само со градските линии, бидејќи уште полошо е со приградските.
– Поради распустот на учениците, наместо бројот на патници да е намален, автобусите се сѐ пополни и поретки. Со летниот возен ред, имам опција со автобусот 61 да одам еден час порано или подоцна на работа, а така и по работа. Тоа воопшто не е во ред, затоа што јас плаќам однапред, а услугата ја добивам со задоцнување. Завршувам со работа во 17 часот, а „61“ имам во 16.30 и во 18.10 часот. Еднаш ми се случи автобусот да се расипе, па да чекам уште 20 минути на плус 30 степени за конечно да тргнам кон дома. Се прашувам како да стигнат луѓето на работа ако се ретки и другите линии – вели млада скопјанка.


Поплаки има, ама ЈСП смета дека повеќето се паушални

Јавното сообраќајно претпријатие не одрекува дека добива поплаки од граѓаните, и тоа од различен тип. Но надлежните оттаму сметаат дека повеќето од нив се паушални, неосновани и тенденциозни, а некои од нив се и оправдани.
– Што се однесува до расипувањето на автобусите, се случува возило да се расипе, но веднаш на терен се испраќа заменско возило. Возилата пред да се пуштат во сообраќај се подложни на рутински проверки, а што ќе се случи во текот на возењето, никој не може да предвиди. Впрочем, и приватно возило може да се расипе – велат од ЈСП.
Според последниот извештај, неисправен уред за разладување имале 12 возила, а од претпријатието тврдат дека тие не се пуштаат во сообраќај. Сите возила што се пуштаат во сообраќај имаат исправна клима. Не одрекуваат дека добиваат поплаки од патниците, кои се жалат дека во автобусите е преладно, а други пак дека им е топло, па со нив и нивните желби не можат да се справат ниту возачите.