Во пресрет на новогодишните празници, 26 ученици од III-7 самоиницијативно се организираа и со сопствени пари купија новогодишни подароци за штитениците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле
Новогодишните празници се време на радост, еуфорија, исполнување на желбите и, секако, можност за хуманост и добри дела.
Токму една ваква акција исполнета со добрина, хуманост, радост и еуфорија, деновиве самоиницијативно организираа и спроведоа група ученици од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Во пресрет на новогодишните празници, 26 ученици од III-7 неодамна самоиницијативно се организираа и со сопствени пари купија новогодишни подароци за штитениците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле.
Инаку, Заводот обезбедува дневно и интернатско згрижување, опсервација, рехабилитациско-корективен третман, воспитување, образование, работни оспособување и окупација, спортско-рекреативен и културно-забавен живот, како и здравствена заштита за лица со умерени и тешки пречки во интелектуален развој.
Средношколците од III-7 се одлучиле на овој чекор за предновогодишно да ги направат среќни децата на кои им е потребна помош.
– Со скромни парични средства изработивме подароци, обезбедивме и новогодишни колачи и ги посетивме децата. Имаше Дедо Мраз, а некои од нас беа облечени како принцези. Бевме пречекани со големи радост и воодушевување. На задоволство на сите, се дружевме и пеевме заедно и решивме дека ќе се видиме во некоја наредна пригода. По ваквата наша иницијатива, се чувствуваме посреќно и поисполнето и мило ни е кога правиме некого среќен – велат учениците.
Горда на своите ученици е секако и нивната класна раководителка.
– Многу сум горда на мојот клас III-7 што спонтано на еден од класните часови дојде на идеја за време на новогодишните и божиќните празници да направи некои да бидат среќни. Улогата на наставникот кон учениците, освен што е образовна, треба и мора да биде воспитна. Како долгогодишна професорка по англиски јазик и иновации и претприемаштво, отсекогаш посветувам големо внимание учениците да бидат комплетни личности во секоја смисла. Хуманиот гест, подадената рака на некои на кои им треба, насмевката на лицето се најпотребни токму сега, во ова време на „невреме“ – вели класната раководителка на III-7 одделението при гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Нобеловката и наша сограѓанка Мајка Тереза има кажано „има повеќе гладни во светот за љубов и почитување, отколку за леб“. Корчагинците од III-7, кои несомнено ги красат големо срце и душа, безрезервно им ги подарија својата љубов и внимание на оние на кои им е најпотребно. Нивниот пример нека им послужи на другите да го прават истото тоа. Зашто не случајно се вели дека само хуманоста и добрите дела нѐ прават луѓе, во вистинска смисла на зборот.
Предраг Димковски