Празни се чаршиските улички, само овде-онде ќе помине понекој случаен минувач. Ги снема муштериите, а ги нема и туристите. Повеќето дуќани се затворени, а и оние дуќанџии што отвораат се задржуваат кратко. Од Занаетчиската комора велат дека ретките занаети сега се во уште поголема криза. Владата донесе уредба за финансиска помош на занаетчиите
Состојба со пандемијата на коронавирусот и мерките што се преземени мошне негативно влијаат и на функционирањето на Старата скопска чаршија. Опустеа и сосема се празни чаршиските улички и само овде-онде ќе помине понекој случаен минувач, а некои од нив велат дека никогаш не било попусто, дури им изгледа страшно. Ги снема муштериите на стариот дел од градот, а ги нема повеќе и туристите. Само мал дел од дуќанџиите ги отвораат своите дуќани накратко и по неколку часа ги затвораат и си заминуваат. Велат дека немаат ни каде ни со кого ни чај ни кафе да се напијат. Додаваат дека и порано имало кризи, кои ги поминале низ годините, но како што е сега со оваа со коронавирусот, никогаш не било. Бизнисот им тоне, никој ништо не продава, не поправа, не остварува никаков промет и допрва ќе ги трпат последиците.
Ги снемало луѓето, се забележуваат катанци на спуштените кепенци, зјапаат празни излози и витрини со предмети од злато, ја нема атмосферата со која дишеше Чаршијата.
– Скоро 50 години сум во чаршијата со сопствен дуќан, а, еве, и денеска останав дома и не отидов да отворам. Ова што сега се случува во Старата чаршија е страшно и никогаш не било пострашно, иако и претходно имало многу кризи. Имаше кризи и турбуленции и по 1999 година, и кога беше војната во 2001 г., ама колку-толку имаше работа и не беше како сега. Некои дуќанџии доаѓаат, ги отвораат дуќаните околу 10 часот и најдоцна до 14 часот затвораат. Сите ние имаме трошоци, а периодов денар не ни влегува во прометот.
А животот има трошоци, треба да се храниме. Да се надеваме дека нешто Владата ќе ни помогне и дека оваа криза ќе помине, но да биде тоа што побрзо – вели Џеладин Асани, златар, кујунџија и филигран-мајстор.
Од Занаетчиската комора на Скопје истакнуваат дека занаетчиите што се занимаваат со некои од ретките занаети и претходно биле во криза, а сега со корона-кризата уште повеќе.
– Пандемијата со ковид-19 ги затвори занаетчиските дуќани во Старата скопска чаршија и во градот. Занаетчиите како на пример ковач, кој е единствен ковач регистриран во регистарот на занаетчии и има деловно седиште во Старата чаршија, крзнар, шапкар, чевлар, папучија, јорганџија и други се наоѓаа во неповолна финансиска ситуација и пред почетокот на здравствената криза. Оваа ситуација е само уште еден голем предизвик за опстанок на овие занаети.
Во тешка финансиска ситуација се наоѓаат и сите други занаетчии, кои имаат деловно седиште во Старата скопска чаршија и во градот Скопје. Пандемијата ги затвори дуќаните затоа што едноставно нема побарувачка. Занаетчиите очекуваат финансиска поддршка и прифаќање на предлог-мерките од Комората, од надлежните институции за да можат да опстанат – вели Анета Атанасовска, директорка на Занаетчиската комора во Скопје.
Од Општина Чаир само ја потврдуваат општата состојба во која се наоѓаат сите дуќанџии во Старата скопска чаршија, но тие велат дека не се надлежни и не можат финансиски да им помогнат.
– Навистина дуќанџиите се во незавидно лоша состојба. Чаршијата е пуста, ретко кој дуќан е отворен, но за финансиските последици што сега ги трпат занаетчиите поради коронавирусот надлежна е централната власт – рече Куштрим Алла, одговорен за информирање во Општина Чаир.