Кој не би сакал модерен и просторен стан во центарот на градот или во некој негов атрактивен дел. Секаде во светот оние што можат да платат, даваат огромни суми пари за квадратен метар станбена површина. Проценители од градов велат дека кај нас просечната цена на атрактивен станбен простор може да достигне и до 1.600 евра за квадратен метар. Ако во светот се бара што поголема катност, кај нас тоа не е практика. Становите на запад и на север во градов имаат многу пониска цена. Но процената за ваков вид недвижен имот не се прави само според локацијата. Пресметката се прави според Законот за процена.
– Пазарната вредност на недвижниот имот се утврдува според одредена методологија преку која се пресметува вредноста. Во согласност со оваа методологија се прави еден бодовен индекс за квадратен метар каде што предвид се земаат голем број критериуми. Се зема предвид видот на објектот, односно дали станува збор за индивидуална куќа, зграда, деловен објект и земјиштето дали е градежно или земјоделско, потоа неговата функционална површина, состојбата и неговата функционалност, катноста на објектот, микролокацијата, макролокацијата и атрактивноста на објектот, процентот на искористеноста и степенот на посетеноста и друго – наведуваат од градот Скопје.
Според проценителите на недвижнини цената се создава според местоположбата на објектот, страната на која се наоѓа, катот на кој се наоѓа како и од што е изграден објектот, какви материјали и слично. Додаваат дека цената главно ја задаваат продавачите.
– Има повеќе фактори што влијаат на цената на недвижнините. Кај нас становите во Скопје што се наоѓаат на југ се најплатени, оние на запад и на север не се толку платени. Катот на кој се наоѓа станот исто така влијае на цената. Првиот и вториот кат се најскапи, а оние на покривот се поевтини. Кај нас е застапено размислувањето дека ако се случи нешто подобро е да си на првите катови отколку на повисоките. На пример во Америка е обратна ситуацијата, највисоките станови се едни од најпосакуваните и најскапи. Исто така мошне е важно од какви материјали е изградена зградата. Секоја зграда има прозорци, но може да бидат пластични, алуминиумски, а постарите згради може да имаат и дрвени. Доколку фасадата има термоизолација, тогаш цената расте. Становите со помала квадратура имаат повисока цена по квадрат отколку становите со поголема квадратура. Местоположбата исто така е еден од важните фактори што влијаат на цената на недвижностите, пример во Козле и Водно се поскапи отколку во Влае и Ѓорче. Понекогаш цената на имотот зависи и од политичката ситуација во земјата – објаснува проценителот за недвижнини Душко Крстевски.