Како ќе се намали загадувањето на амбиенталниот воздух и кои ќе бидат активностите на градскиот инспекторат беа некои од советничките прашања на вчерашната седница во градот Скопје. Советниците поставуваа прашања за работата на градоначалникот, градската администрација, јавните претпријатија, јавните институции и средните училишта што се во ингеренција на градот. Градоначалникот Шилегов ги информира советниците за активностите на градскиот инспекторат во насока на намалување на загадувањето преку интензивираните контроли и дежурства, како и за тоа дека во изминатиов период се изречени двојно поголем број казни во однос на истиот период лани. Во периодот што следува ќе продолжат засилените контроли и доколку се констатира прекршување на законот, ќе следуваат соодветни казни за правните и за физичките лица.
– Сериозно ги интензивиравме активностите на инспекциските служби и во месец септември се изречени 132 мандатни казни при контрола и надзор на капацитетите што работат со Б-лиценци и се во наша надлежност, при контролите на градежни објекти, како и на лица што несоодветно го третирале отпадот. Интензивните активности продолжија и овој месец и досега во месец октомври се изречени 220 опомени и 137 мандатни казни – одговори градоначалникот Шилегов.
На седницата беше кажано дека инспекторите на градот Скопје извршуваат и редовен инспекциски надзор на правни субјекти – инсталации што подлежат на Б-интегрирана еколошка дозвола. Во согласност со извештаите правните субјекти редовно доставуваат резултати од мерења со кои се задолжени во самата дозвола, бучава, ПМО-честици, испитување на водата во реципиентот. Беше кажано и дека инспекциските служби вршат интензивна контрола на градилиштата. Градоначалникот Шилегов соопшти дека во периодот на октомври на територијата на Скопје е извршена засилена контрола на градилиштата во сите општини. Во овој период биле извршени контроли на повеќе од 50 локации каде што се вршат градежни активности, при што на изведувачите им се укажувало да не излегуваат камиони од градилиштата на улица со валкани тркала и непокриени со церади.