Граѓаните на главниот град сѐ почесто се одлучуваат да го користат велосипедот како алтернативно или главно превозно средство, за да го избегнат градскиот метеж. Во еден пренатрупан град како Скопје, со над 700 илјади жители и голем број автомобили што сообраќаат на градските улици, потребата од велосипед како превозно средство станува неопходна.
Градот Скопје, во соработка со јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје, од 2010 година наваму го реализираа проектот „Изнајми велосипед“ чија главна цел беше да се зголеми користењето на велосипедот како превозно средство. Но ЈП „Градски паркинг“ се соочи со негрижа на корисниците на велосипеди, па некои од нив веќе не се во возна состојба. Од 120 велосипеди, само 80 се во возна состојба, 15 се целосно расходувани, а 25-30 велосипеди имаат пукнати гуми, искршено ѕвонче и слично. Од претпријатието велат дека биле соочени со негрижата на корисниците, но прават напори со градот проектот да биде и со поголем обем и подобар квалитет.
Проектот нудеше 120 велосипеди, кои граѓаните можеа да ги изнајмат на пет локации во градот. Секој што имаше потреба од возење велосипед можеше да изнајми на јавните паркиралишта: Треска, Градска болница, општа градска болница „8 Септември“, во општината Аеродром на зона Д3, зад трговскиот центар „Бисер“ и во катната гаража „Македонска фаланга“.
Проектот беше одлична можност за секој што сака да си обезбеди алтернативен превоз, но, како што рекоа од ЈП „Градски паркинг“, граѓаните потфрлија. Имаше случаи кога корисниците не ги враќаа велосипедите во исправна состојба или, пак, не ги враќаа воопшто. Тие случаи се водат како кражба. Неодговорноста на граѓаните го намали бројот на велосипеди. Годинава поради истата причина „Градски паркинг“ има проблеми со изнајмување на велосипедите. Но од градот Скопје велат дека не се откажуваат од иницијативата и дека се прават проекции за зголемување на обемот и квалитетот и на изнајмувањето на овој вид транспортно средство.
– Градот Скопје прави проекции за конкретно зголемување на обемот и квалитетот и на изнајмувањето на овој вид транспортно средство и за омасовување на неговата употреба кај граѓаните. Оваа година јавното претпријатие има проблем со велосипедите за изнајмување, бидејќи поголемиот дел не е во возна состојба и не може да ја оствари функцијата за јавно транспортирање, но очекуваме оваа состојба да се санира. Изнајмувањето велосипеди во секој случај ќе продолжи, откако ќе се санира постојната состојба и ќе се конкретизираат активностите за зголемување на бројот на велосипедите за изнајмување.
Постапката за изнајмување велосипед од наведените јавни паркиралишта беше едноставна. Доколку некој сакаше да изнајми велосипед, потребно беше на еден од пунктовите да остави лични податоци. Сезоната за изнајмување велосипеди траеше шест-седум месеци. Започнуваше напролет, кога имаше услови, а завршуваше до 31 октомври. За изнајмување велосипед тарифата се движеше по 10 денари од час. Исто така постоеше можност за изнајмување велосипед за цел месец, а цената за подолгорочно изнајмување чинеше 1.500 денари. Со новите заложби на градот Скопје и „Градски паркинг“, би се направил чекор напред за да се сменат свеста и навиките на оние што сакаат да користат изнајмени алтернативни превозни средства.