Пожар избувна и во градски двокатен автобус, кој сообраќаше на линијата со број 5 и, за среќа, освен што е причинета материјална штета нема повредени патници. Шест пожарникари од противпожарната бригада на градот Скопје веднаш пристигнале кај запалениот автобус, со две возила, а нивната брза интервенција овозможила огнот да биде изгаснат. Од јавното сообраќајно претпријатие информираа дека настанот се случил вчера во близината на општината Ѓорче Петров, кога автобусот сообраќал на редовна линија во правец кон центар.
– Пожарот, чии причини се утврдуваат, е изгаснат во брзо време, благодарение на брзата интервенција на екипата на противпожарната бригада. Внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“ веднаш излезе на терен и се утврдуваат причините за пожарот – соопштија од ЈСП „Скопје“.
Како што наведуваат оттаму, возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со ПП-апарати се обидел да го изгасне. Во меѓувреме забележал и искрење и повикал на помош екипа на противпожарната бригада. Пожарот бил изгаснат во најбрз можен рок. Веднаш потоа увид извршила и екипа на МВР.