Се затоплуваат живеалиштата за егзотичните животни Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако температурите се ниски и карактеристични за зимски период, многумина од граѓаните не се колебаат да ја посетат скопската зоолошка градина. Таа го привлекува вниманието откако во неа беа донесени нови животни, а граѓаните не ги премисли ниту новата цена за возрасните, која од 50 се зголеми на 80 денари. Посетеноста на Зоолошката како факт ги тера и вработените многу повеќе да размислуваат за организирање разни настани, кои ќе бидат доживување повеќе. Во овие зимски услови и животните имаат посебен режим на исхрана, а грижа на вработените е тие да бидат навреме нахранети, а некои и соодветно затоплени. Тоа ги прави животните задоволни и поразиграни и подружељубиви со посетителите, како со најмладите така и со повозрасните. Зоолошката е отворена за посетители од 9 часот до 16 часот, а најпосетена е за време на викендите. Колкава е посетеноста зборува и сообраќајниот метеж не само од паркирани автомобили, туку и метежот што се создава на улицата Илинденска по која понекогаш е тешко и пеш да се помине. Создавањето колона од возила по Илинденска, но и по улицата Рузвелтова наметнува и прашање дали е добро во еден град Зоолошката градина да биде на неговата периферија или, пак, токму во централното градско подрачје. Во центарот на градот, на пример, се и зоолошките градини на Белград, Загреб, како и на Софија во соседна Бугарија.

Во овој зимски период животните во скопската зоолошка градина се хранат по строго определени хранителни таблици. Вработените оттаму велат дека и за секој вид животно претходно и одделно се изработени тие таблици од стручно лице, биолог. Хранителните таблици определуваат квантитативна и квалитативна исхрана на секое животно одделно и тие се поделени на летни и на зимски. Летните се применуваат со почетокот на пролетта, а зимските од средината на есента. Од Зоолошката градина велат дека зимските таблици за исхрана се разликуваат од летните со тоа што се зголемува количеството на храната на дневно ниво, а тоа се должи на ладното време кога на животните им се потребни повеќе калории за да ја одржат топлината во своето тело. Во овој период се зголемува и количеството на додатоците во исхраната како минерали и витамини.

– Кај месојадните животни се додаваат во месото, кај тревопасните во зобот пченката, јачменот, триците и во овесот. На жирафите и на слоновите покрај вообичаената исхрана им се дава и избалансирана пелетирана храна со додатоци од витамини и минерали, посебно изработена за овие видови – објасни Милошевски Јорданчо, биолог-кустос од Зоолошката градина во Скопје.

Исто така, во зимскиот период се затоплуваат живеалиштата кај егзотичните животни, бидејќи тие доаѓаат од топлите краишта на светот, како Јужна Америка, Африка и Австралија. Затоплувањето е различно во различни живеалишта, како на пример со подно греење, радијатори, калорифери и дополнително во некои живеалишта се употребуваат и клима-уреди во екстремно ладните денови посебно во текот на ноќта. За да се заштитат животните, доколку настане екстремно намалување и паѓање на температурите на 5 степени под нулата, се додаваат грејни тела во просториите и во внатрешните живеалишта на животните.

– Најчувствителни се рептилите поради нивната поикилотермност – (температурата на телото им зависи од надворешната температура) и затоа во терариумот рептилите имаат микроуслови во секој терариум одделно. Посебно се обрнува внимание кај приматите, кај базените на нилскиот коњ и кај крокодилите каде што температурата на водата секогаш треба да биде помеѓу 18 и 22 степени Целзиусови. Поради фактот што најголемиот број животни што живеат во нашата зоолошка градина се дојдени од други европски зоо-градини тие се веќе аклиматизирани на континенталната и на супконтиненталната клима, па полесно ги издржуваат екстремните зимски температури – велат од Зоолошката градина.

Иако повеќето од животните не сакаат ладно време, сепак има голем број животни во Зоолошката градина, кои се од ладните предели на Земјината топка. На овие животни студеното време не им пречи и може да се забележи дека се многу поактивни во зимскиот период. Такви се мечките, рисовите, волците, шакалот, сибирските тигри, лопатарите.


И зоо-градините од околината се во центрите на градовите

Зоолошката градина „Пионерска долина“ во Босна и Херцеговина е сместена во североисточниот дел на Сараево и се наоѓа на само два километри од центарот на градот. Албанската зоолошка градина во Тирана се наоѓа во јужниот дел од градот и е измеѓу Градскиот парк и Ботаничката градина. Софиската зоолошка градина порано била лоцирана во паркот на поранешната кралска палата, но била дислоцирана кај сегашната локација, која се наоѓа во централното градско подрачје, на 4,5 километри од центарот на градот. Српската „Бео-зоо“ е лоцирана на паркот Калемегдан во центарот на Белград.
Во Словенија, љубљанската зоолошка градина се наоѓа во областа Рожник, која се наоѓа на 20-минутно пешачење од центарот на градот. Според повеќето искуства од околините земји, зоолошките градини се позиционирани во близината на центарот на градот. Скопската зоолошка градина како и другите во регионот се наоѓа во централното градско подрачје недалеку од центарот на градот.