Со метална заштитна ограда и обележан пешачки премин, на кој е напишано „школо“, пред новото училиште „Киро Глигоров“, градот одговори на реакциите на родителите за заштита на учениците на улицата Васил Ѓоргов. На оваа градска сообраќајница, како што е познато, се вози брзо, а пречекорувањето на брзината од страна на возачите честопати резултира со сообраќајни несреќи.
Токму поради тоа родителите со почетокот на учебната година во новото училиште беа исплашени за безбедноста на своите деца, а градот најави дека на оваа улица ќе биде поставена сообраќајна сигнализација. За почеток децата ќе бидат заштитени со заштитна метална ограда пред училиштето, а градските власти планираната светлосна сигнализација ќе ја постават подоцна. Најпрвин треба да се изработи основниот проект, а потоа ќе следуваат идните чекори до конечното решение.