Во Скопје денеска се одржува 14-от Виз Ер Скопски маратон. Пријавени се рекордни преку 10.000 маратонци од 58 земји од светот.
Маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон стартуваат во 8:30 часот, а трката од 5 км во 8:40 часот. Стартот е во центарот на Скопје пред Порта Македонија. Се очекува маратонот да заврши околу 14:00 часот.
На маратонот годинава присуствува и ексклузивната гостинка, светската рекордерка, Пола Редклиф.
За потребите на организацијата на маратонот Градот Скопје обезбеди логистичка и финансиска поддршка. Сите јавни претпријатија на градот се ставени на располагање да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри. Во организацијата на маратонот се вклучени стотици професионалци и волонтери кои се грижат маратонот да помине во најдобар ред.
Виз Ер Скопски маратон константно се надградува и оваа година како дел од настанот се вклучија македонските радија, познати диџеи, бендови и оркестри со цел да ја збогатат целата патека со музика и забава. Неодамна беше пуштена во употреба и новата мобилна апликација за Виз Ер Скопски маратон на која секој заинтересиран може да ги следи своите омилени тркачи во живо. Истата може да се симне на следниов линк: https://plas.google.com/store/apps/details?id=com.skopjemarathon.
Поради одржувањето на Виз Ер Скопскиот маратон во градот има посебен сообраќаен режим.
Во склоп на Виз Ер Скопскиот маратон вчера се одржа и Детски мини маратон во општина Аеродром. Партнер на Детскиот мини маратон е УНИЦЕФ.