Во населеното место Стајковци забрзано се одвиваат градежни зафати за изградба на нова детска градинка, која треба да биде готова до крајот на октомври годинава. Објектот ќе се простира на површина од 1.230 квадратни метри и ќе згрижи вкупно 140 деца. Во него се предвидени шест занимални и просторија за една група јасли. Проектот чини 30 милиони денари, средства што се издвоени од буџетот на општината Гази Баба.
Од општината велат дека со изградбата на овој објект се решава еден голем проблем и ѝ се става крај на маката на родителите да патуваат со километри за да ги однесат децата во градинка. Сега таа ќе им биде близу, во местото на живеење.
Од локалната самоуправа информираат дека паралелно се работи и на проширување на детските градинки „Морковче“ и „Калинка“, со што заедно со сместувачкиот капацитет во новата градинка се отвораат вкупно 220 слободни места за децата, а со тоа драстично ќе се намалат листите за чекање при упис во градинките.