Сонце, пеколни температури, жежок асфалт се карактеристиките на едно скопско лето. Многумина што немаа можност да заминат некаде на одмор и останаа цело лето во градов, по многу популарни цени можат да бараат освежување на базените и во аквапаркот.
Скопје во својата околина нема езеро или река во кои граѓаните би можеле да се разладат, па, така, единствено што им преостанува во врелите летни денови е да ги посетат градските базени. Во подалечното минато жителите се капеле и во реката Вардар, на повеќе различни локации, а точно пред 40 години е изградено и езерото Треска, кое денес веќе не е популарна локација за капење, иако жителите ја посетуваат, најчесто за излет. Некогаш на разладување и капење се одело покрај реката Треска и на базенот во Сарај, кој одамна не е во функција.
Сега има повеќе приватни базени и објекти што поседуваат базени и барови во својата околина, но во фокусот на интерес се оние што се достапни за сите граѓани.
Аквапаркот, кој работи повеќе години, е една од главните локации за летна забава, особено за најмладите. За нив се привлечни тобоганите, базените со различни големини, мрзливата река и можност за купување освежителни пијалаци и сендвичи. Посетителите можат да ги користат услугите и на ресторанот и повеќе кафе-барови што се во рамките на паркот. Цената за дневен билет при посета на аквапаркот изнесува 300 денари, за деца до 13 години е 200 денари, а влезот за најмладите, односно оние до 4 години, е бесплатен.
Аквапаркот е во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“, во кој е вклучен и базенот „Младост“, или попознат како базен „Карпош“. Овој базен, иако има места со лежалки и можност за сончање, е во затворена локација и најчесто го користат спортските тимови и професионалните пливачи и ватерполисти. Дневниот билет за базенот „Младост“ изнесува 200 денари, но за оние што се ентузијасти или имаат намера повеќепати во неделата да го посетуваат, постојат различни ценовни поволности. За оние што имаат можност наутро да одат на базен, месечниот билет од 7 до 12 часот изнесува 1.000 денари, а постојат можности за купување билети за 3 или 7 пати неделно, кои чинат од 1.500 и 2.500 денари. Работното време на овој базен во Скопје е од 7 до 17 часот и од 21 до 24 часот. Во недела, базенот „Младост“ е отворен од 7 до 24 часот.
Еден од ретките базени и локации што е на отворено е базенот во населбата Аеродром, попознат меѓу скопјани како воен базен. Тој работи секој ден во неделата од 10 до 18 часот и посетителите имаат можност да пливаат да се сончаат или да се освежат во барот во рамките на базенот.
Ако претежно аеродромци одат на овој базен, на другите достапни им се и базените „Младост“ и „Центар“, или попознат како Олимписки базен. Базенот „Центар“ е отворен секој ден од неделата освен понеделник. Рекреативците може да го посетат од 7 до 17 часот и од 20.30 до 23 часот, а цената за еден дневен билет за возрасен изнесува 250 денари. Како и кај базенот во Карпош, и на Олимписки постои можност за купување месечни билети, по различни цени за различен број посети во неделата.
Освен наведените, постојат и голем број базени во Скопје, во рамките на различни хотели, ресторани и забавни центри, со различни цени за билети, храна и пијалаци. Оние што поради најразлични причини останаа во главниот град на големите горештини, имаат можност да изберат повеќе локации каде да се оладат од топлото време, во рамките на сопствениот буџет. С.Р.