Многумина што веќе се подготвуваат да заминат на летен одмор, а не планираат да ги понесат и своите миленици, имаат главоболки каде и кому да им ги доверат. Пред да се одделат од омиленото животно си поставуваат низа прашања, како на пример дали некој од пријателите или од семејството ќе го прифати да го чува, дали ќе биде добро згрижен, дали ќе го хранат, ќе тагува ли итн. За сите оние што не сакаат да се справуваат со вакви тешкотии добра можност е да го остават својот миленик во таканаречените хотели за миленици. А такви хотели има повеќе во градов на различни локации и со приближно еднакви цени. Во сите трошоци за одмор сопствениците на миленици, мораат да ги пресметаат и цената на храната и престојот на своето куче или маче во хотелот што тие ќе го изберат, а тоа ќе ги чини дополнителни 100 евра.
Во хотелите за миленици се нудат разни услуги, како што е и пансионско сместување. Персоналот е задолжен да го шета оставениот миленик, а прошетките се прават во посебни шеталишта за милениците. Исто така се нуди и можност за социјализација со други животни за да не се чувствуваат овие гости запоставени. Хотелите за миленици нудат и 24-часовен надзор и поддршка и тоа се само некои од услугите.
Во еден од центрите, кој се простира 3.000 квадратни метри и има 30 соби, на животните им се нудат сите услови. Овозможен им е транспорт со специјализирано возило од домот на сопственикот до хотелот и назад.
– Секое куче има своја соба и кревет каде што може да се одмора и да спие, сопствен двор од 20 квадратни метри каде што може да се прошета. Исто така имаме и парк од 3.000 квадрати каде што кучето може да се прошета и да се социјализира со другите кучиња. Најголема заинтересираност имаме во периодот на продолжени викенди и летни одмори – вели Јован од центарот „Киско“, кој има 10-годишно искуство во овој бизнис.
Цената за користење на нивните услуги изнесува од 200 до 600 денари на ден, а во неа не влегува храната, бидејќи сопствениците сами ја обезбедуваат. Во летниот период на ден се плаќаат 400 денари за миленик, а 600 денари чини оставањето на животното во зимскиот период, поради користењето топлинска енергија.
– Не сакаме да го оставиме нашето куче на товар на нашата фамилија и кај пријатели, а сакаме да бидеме сигурни дека нема да биде запоставено.
Затоа избравме да го оставиме нашето куче во хотел за миленици. Иако не е баш евтино за нашиот стандард сепак вреди – вели Марија од Козле.
Поради дополнителниот финансиски трошок многумина кога заминуваат на одмор своите миленичиња ги оставаат кај познајници или кај некого од фамилијата.
– Доколку одам на одмор 10 дена тоа се 4.000 денари што треба да ги издвојам за чување на моето куче. Тие пари добро би ми дошле за одморот.
Додека имам каде не би размислувал за друга опција – вели Борче од Козле.
Во летниот период има поголема заинтересираност за ваквите услуги. Сите заинтересирани за ваквата можност би било добро да имаат на ум дека во наредниот период доколку сакаат да ги остават во хотел своите миленичиња, потребно е навремено да си резервираат пансион.