Сѐ повеќе и повеќе Македонци заминуваат на работа во други земји, а Малта последниве две години стана интересна дестинација за сите многумина, кои можат да заработат многу повеќе отколку во земјава. По келнерите, готвачите и другите трговско-угостителски работници, својата среќа за подобра заработка во оваа земја на Европската Унија, ја побараа и голем број возачи од нашето јавно сообраќајно претпријатие „Скопје“. Во медиумите се спомнуваа најавени 28 откази на возачи, а од ЈСП сега ни тврдат дека во изминативе два месеца 16 возачи дале доброволен отказ со образложение дека заминуваат да работат во Малта. Од претпријатието додаваат дека годинава планираат да вработат 80 возачи, независно од заминувањето на оние што дале откази. Вработувањето на дополнителниот број возачи, велат, е поради зголемениот обем на работа поради веќе планираното зголемување на возниот парк на ЈСП.
Во медиумите речиси два месеца се говореше за тоа дека за Малта ќе заминеле вкупно шеесетина возачи од државава. Заинтересираните се јавиле на објавен оглас, а потоа биле и на интервју во Скопје, кое го реализирале надлежни од јавниот превоз на Малта, задолжени за ангажирање возачи. Огласот јасно имаше наведено дека возачите треба да имаат најмалку тригодишно искуство, а од пријавените кандидати се бараше да не се помлади од 24 години. За заинтересираните најпривлечна во огласот, секако, беше месечната плата од околу 1.300 евра, која може да биде и поголема доколку пријавените имаат и поголемо искуство како возачи. За оние со тригодишно искуство годишната плата е лимитирана на 15.750 евра, а за кандидатите со искуство над 4 години се искачува до 16.790 евра. Огласот исто така наведуваше дека прекувремената работа дополнително се плаќа. Оние што ќе заминат да бидат возачи во Малта ќе имаат и обезбедено сместување во висина од 200 евра месечно. Оваа земја им понуди и бесплатни авионски билети на заинтересираните возачи, кои, пак, ќе ги плати работодавецот, откако ќе истече една година од направениот договор со нив.
Возачите што заминуваат од ЈСП во претпријатието работеле речиси по две децении. И покрај солидните плати за македонски услови тие цврсто решиле да заминат на работа во Малта.
– Во изминативе два месеца 16 возачи дадоа доброволен отказ со образложение дека заминуваат да работат во Малта. Во просек, имаа стаж од 15 години. Во меѓувреме имаше најави за уште доброволни откази од истите причини, но досега тие не се реализирани, односно нема поднесени нови барања за прекин на вработувањето. ЈСП „Скопје“ во моментов има 750 возачи, кои во целост ги задоволуваат потребите на претпријатието за реализирање на тековните обврски. Отказите на возачите што ќе заминат немаат никакво негативно влијание на процесот на нашата секојдневна работа, бидејќи бројот е незначителен.
Независно од тоа, ЈСП „Скопје“ во тековнава година планира да вработи 80 нови возачи имајќи предвид дека ќе се зголеми обемот на работа со планираното проширување на возниот парк. Вработувањата ќе се реализираат во неколку фази. Во тој случај, претпријатието и понатаму ќе го одржува континуитетот на ефикасно и непречено реализирање на утврдениот возен ред на сите линии, објаснија од претпријатието.
Оттаму додаваат дека основната плата на возачите што ќе си заминат од ЈСП им била 23.000 денари, плус дополнителен приход врз основа на стаж, ноќен труд и слични додатоци во согласност со правилникот за работа и законските норми.
Картичките на ЈСП во билетарниците и во дел од продажните места
Најсигурно во билетарниците на ЈСП „Скопје“, а од вчера и како и претходно и во дел од маалските трафики и колонијали можат да се купуваат и дополнуваат електронските картички „скопска“. Граѓаните само ќе мора да се информираат дали нивниот најблизок трговец склучил договор со ЈСП. Иако завчера од претпријатието со соопштение најавија дека наредниве неколку дена електронските картички ќе се купуваат и дополнуваат само во нивните билетарници, ден потоа информираат дека веќе се опремени најпрвин десетина, а потоа уште петнаесет трговски дуќани.
До петок граѓаните повторно ќе можат да купуваат и да дополнуваат картички за превоз во сите трафики, маркети и колонијали како и досега. Велат во сите досегашни 100 продажни места етапно ќе им бидат заменети апаратите од претходната фирма, на која договорот ѝ истекол. Од ЈСП тврдат имаат обезбедено нови апарати на реверс и уште вчера во функција биле ставени педесет, а до петок ќе профункционираат уште педесет, што значи сите продажни места што и претходно функционирале повторно ќе можат да продаваат и дополнуваат електронски картички.
Од ЈСП очекуваат на објавениот оглас во медиумите да се јават и нови заинтересирани трговски претпријатија за да склучат со нив договор, со што најверојатно ќе ја прошират трговската мрежа за купување и дополнување на електронските картички. На тој начин тие ќе станат и подостапни до граѓаните, па ќе можат да ги купуваат во близината на нивните живеалишта и нема да пешачат како досега за дојдат до најблиското продажно место или билетарница. Граѓаните сѐ уште ќе мора да почекаат додека профункционира електронското дополнување на картичките.